Романот „Холандска девица“ објавен на македонски јазик

Од:

Издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор. Романот е добитник на Наградата за литература на Европската Унија (2014) и на АКО, најважната книжевна награда во Холандија. Преводот на македонски е на Ели Пујовска.

dobivaj vesti na viber

Доаѓа лето и 18-годишната Јана треба да тргне сама на енигматично патување во Германија. Татко ѝ ја испраќа кај Егон фон Бетихер, кој треба да ја научи да мечува. Егон е мистериозна личност, но и магнетичен шармер. И Јана едноставно не може да одолее. Но оваа книга не е само книга за љубовта и за губењето на невиноста.

Дејствието се случува во 1936 година и пред Јана се отвора светoт на возрасните, полн со прашања и со спротивности. Во нејзините очи се судираат стариот хероизам на аристократската класа и варварството што надоаѓа со ширењето на нацизмот. На раб од големиот историски пресврт на Втората светска војна, Јана ќе доживее индивидуална промена по која нема враќање. Дали ова патување е во еден правец?

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Маренте де Мор (1972) е холандска писателка. Студирала словенски јазици. Во 1990-тите живеела во Русија, пишувајќи за холандски и за руски медиуми. Со авторско дело дебитирала во 2007 година. Од 2009 работи како колумнист во списание за политика. Има објавено три романи, како и книги со колумни и со кратки раскази. Романот „Холандска девица“ е преведен на 10 јазици.