Романо Проди, еден од водечките визионери и градители на европската идеја, поанешен премиер на Италија и претседател на Европската комисија, е добитник на Светската награда за хуманизам за 2019 година. Со оваа награда, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани.
Професорот Проди е тринаесетти добитник на ова исклучително признание со кое Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
– Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи и моето име како добитник на оваа светска награда со огромен престиж, што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот. Со голема радост ви потврдувам дека ќе дојдам во Охрид за да го примам ова високо признание придружуван од мојата сопруга Флавија, вели Проди во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш.
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари 2019 година, спроти големиот празник Богојавление, во куќата на Уранија на МАНУ. Пригодни беседи за Проди ќе одржат Јордан Плевнеш и Рикардо Бризи, професор на Универзитетот од Болоња. Во присуство на амбасадорите на Европската унија, Италија, Франција, Бугарија и Белгија, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски ќе му ја врачи наградата на Проди.
Меѓу гостите ќе има претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО. Истата вечер, со посебно признание ќе му биде оддадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година. Тој е автор на спомен-обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, кое во текот на следната година ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.