Ретроспективна изложба на Јован Шумковски во МСУ до крајот на февруари

Од:

„Вода/Ѕид“ е насловена ретроспективната изложба на уметникот Јован Шумковски која ќе биде отворена денеска напладне во Музејот на современата уметност и ќе може да се посети до 28 февруари 2021.

Изложбата ќе биде поставена во две галерии на Музејот, а концепцијата на поставката е осмислена од авторот Шумковски. Како што соопшти МСУ, таа не го претставува развојот на неговото творештво како линеарна хронологија во изминатите околу 40 години, туку е еден вид наративна монтажа на хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по линија на развој на формите или на содржините.

– Ретроспективната изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четиридецениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме, соопшти МСУ.

Шумковски досега имал над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија…). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествувал на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Од 2002 година е редовен професор на Факултетот за ликовни уметности-Скопје.

– Сликар по вокација, Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата… Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники, наведува МСУ во најавата за изложбата.

Куратор на поставката е Зоран Петровски, а проектот е поддржан од Министерството за култура. Посетите на изложбата ќе бидат според здравствените протоколи за организација на јавни настани. Музејот на современата уметност е отворен за посетители од 10 до 20 часот секој ден, освен во понеделник, а во недела работи до 13 часот.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“