Прв фестивал на европската литература во организација на „Антолог“

Од:

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најави прв фестивал на европската литература во Македонија „Букстар“ (Книжевни ѕвезди) кој ќе трае до крајот на октомври. Во рамки на фестивалот ќе има Саем на европската литература, гостувања на странски и на домашни автори, неколку промоции и други фестивалски содржини.

– Интересот на македонските читатели за литературата од писатели од Европа во последните години е очигледно зголемен, па имаме голем број нови преводи на класици, но и на еминентни и наградувани дела од современата европска литература. Периодов бележиме и редица промоции и гостувања на автори, така што сметавме дека тој нагорен тренд за европската литература и кон литературата воопшто треба да го поддржиме, соопшти „Антолог“ за идејата да организира литературен фестивал.

Во главната програма фокусот ќе бидат гостувања на автори и промоции на нивните дела – на 10 октомври во кино „Фросина“ од 20 часот ќе гостува Изабел Вери, добитничка на Европската книжевна награда во 2013 година, и ќе биде промовиран нејзиниот роман „Обескостена“.  На 22 октомври, пак,  ќе гостува бугарскиот писател Захари Карабашлиев и во галеријата на МКЦ од 20 часот ќе биде промовиран неговиот роман „18% сиво“.  Двете книги се објавени со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Во рамки на Фестивалот на европската литература, цел октомври во Книжевниот центар „Антолог“ ќе се одржува Саем на европската литература, на кој сите книги од европски автори ќе се продаваат со попуст од 20 до 50 отсто.

„Антолог“ планира секоја година на фестивалот да промовира и македонски автор преку програмата „Македонска поддршка“, со цел да се прикаже богатата продукција на македонската книжевност. Годинава ќе биде претставена младата поетеса и новинарка Биљана Стојановска и нејзината книга „Зборовите немаат значење“. Книгата ќе биде промовирана во фоајето на киното „Фросина“ на 13 октомври од 20 часот.

За да можат читателите одблизу да ги запознаат авторите, во новоотворениот Книжевен центар „Антолог“ ќе се одржува и програмата „Лично авторот!“ Во овој сегмент од фестивалот, читателите ќе имаат можност лично да поразговараат со писателката Изабел Вери на 10 октомври од 12 часот, додека средбата со Захари Карабашлиев е на 24 октомври на истото место, со почеток во 10 часот.

За затворањето на фестивалот на 30 октомври ќе има придружна програма – дружење со книгата и со писателите.

– Поради фактот дека ѕвездите како симбол се асоцијација на Европа, а и поради тоа што во Македонија ќе ги поканиме најголемите имиња на европската литература, се решивме името на фестивалот „Букстар / Книжевни ѕвезди“ да ги обединува токму литературата и ѕвездите, соопшти организаторот „Антолог“.

Би можело да ве интересира

На Деновите на македонската книга во Москва претставена „Послание. Поезија на Блаже Конески на руски”

Ана Ололовска

„COMPENDIUM PHILOSOPHIAE“ – нова книга од д-р Бошко Караџов во издание на „Аз-Буки“

Ана Ололовска

Конкурс за текстови по повод 70-годишнината на литературното списание „Современост“

Ана Ололовска

Објавена монографија „Гордоста на Кавадарци“ од Тимчо Апостоловски

Ана Ололовска

Објавена монографијата „Дописниот шах во Македонија“

Ана Ололовска

Сликовницата „Три мали волчиња“ од грчки преведена на македонски јазик

Ана Ололовска

Leave a Comment

sixteen − 7 =