Промовирана книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ во Струмица

Од:

Во Струмица, во Џез клуб „ДЕПО“ синоќа беше промовирана книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска. Книгата ја промовираа Александар Прокопиев и Митко Гогов од Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“.

-Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е компаративно-интермедијална анализа за третманот на книжевноста во неколку македонски медиуми. Истражувањата се насочени кон македонските состојби во контекст на светските тенденции, повремено споредени и со регионалните текови, истакна Гогов.

Според Александар Прокопиев, делото на Јуруковска е вредно, посебно како делото е составено, по нејзината структура, податоците кои се изнесуваат и сами по себе сведочат дека културата кај нас и наспроти големите таленти и остварувања посно се следи, односно културата се става на маргините.

-Ние повторно се враќаме на таа сиромашна аргументација кога авторот ќе успее надвор, тогаш тој станува интересен за нашите медиуми. Дури и тогаш се покрива со некои вести за добиената награда или успехот и на тоа се запира, смета професорот Прокопиев.

Авторката Александра Јуруковска рече дека книгата е нејзината магистерска теза, а за „егзилот“ во насловот како теза и лајт мотив звучел малку поетично, но се покажало дека со нејзините ментори размислувале многу пред времето, бидејќи многу медиуми повеќе не постојат.

-Кога ја работев книгата наидов на еден многу голем проблем-а тоа е дека немаме култура на архивирање. Буквално немаме никаква култура на архивирање. Работев во Македонското радио 8 години и таму постојат емисии кои се постари од мене, кои што се емитуваат повеќе од 30 години и имаат континуитет, но кога сакав да ги ставам како позитивен пример во мојата книга не најдов никаде податок кога почнале да се емитуваат, истакна авторката Александра Јуруковска.

Пред присутните зборуваше и Горјан Лазаревски од Издавачот на книгата „Авант прес“ од Скопје. Според него, убаво е авторката на книгата да ја продолжи студијата, бидејќи годините кои следуваат по 2012 година, до кога се опфатени податоците за застапеноста на културата во медиумите, се трагични за културните рубрики во македонското новинарство.

Промоцијата ја организираше Здружението „Контекст – Струмица“ во соработка со општина Струмица и издавачката куќа „Авант Прес“ од Скопје.

Би можело да ве интересира

„Поетската ноќ во Велестово“ годинава во знакот на домашни уметници и гости од Ирска и Бугарија

Објавена книгата „Потенцијалите на жанрот крими-драма преку сценариото за игран филм Се викам Слобода“ од Стефан Марковски

Ана Ололовска

Промоција на книгата „Македонците во светот“ на Славе Николовски Катин

Ана Ололовска

Во Охрид промоција на романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова

„Александар и Клеофила“ – нов роман на Паскал Гилевски

Ана Ололовска

Промовирана книгата „Стихови и спомени” од Трајанка Ристова

Ана Ололовска