Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори

Од:

„Небо во кафез“ е насловот на најновата збирка поезија од Д.А.Лори, која ќе биде промовирана на 26. октомври во фоајето на киното Фросина во МКЦ во 18:30. Во својата трета книга Лори го користи и омилениот поетски стил, сиџо, за на уште подиректен начин да направи пресек на стварноста, па на краток и чист начин ни ја предочува пресеана преку својата душа. А стварноста сме ние низ илузијата за слобода со поглед кон заедничкото небо. Во новата книга зборува за љубовта, мајчинството, за губењето-наоѓањето, за лицемерието. Лори реши да ги допре најболните точки без грам патетика, а со оптимистичност за небото над нас.

Збирката е самостојно издание со поддршка од Министерството за култура. Во „Небо во кафез“ дел од песните ги следат илустрации од Касиопеја Наумоска.
Вечерта „Театарот на сенки“ ќе има претстава-перформанс со позајмени гласови на Ѓоко Здравески, Верица Недеска, Биљана Стојановска и на самата авторка, Лори. Музиката е од нашиот реномиран музичар, Горан Атанасов („Санаториум“). На промоцијата исто така ќе се чита дел од поезијата. Песните ќе ги претстават Снежана Стојчевска, Ана Голејшка Џиков и Биљана Стојановска.

По збирките поезија „Будење во трето лице еднина“ и по „Со ветерот под рака“ Лори нѐ одржува будни и „Со небо во кафез“.

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) (1974)е родена во Германија. Нејзините песни за првпат се објавени во Букбокс, по што следи соработка со издавачката куќа Блесок, за која, во 2014, ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016, ја објавува книгата „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа Антолог.

Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка 100.000 поети за промена и е-книгата Поетискон, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, Современост.

Добитник е на наградата „Тодор Чаловски” за 2019/2020. По пауза од три години, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“, која наскоро ќе биде промовирана пред скопската публика.

Би можело да ве интересира

Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книга во Лајпциг

Предраг Петровиќ

Трет Скопски поетски фестивал

Предраг Петровиќ

Промовирана стихозбирката „Ризница” од Мира Георгиевска

Реномираното меѓународно списание „Версвил“ објави тематски број „Поезија од Македонија“

Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на романската награда за поезија „Михаи Еминеску“

Предраг Петровиќ

Промоција на стихозбирката „Куќа во куќа“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска

Ана Ололовска