Промоција на монографија „980 маслени слики“

Од:

Промоција на монографијата „980 маслени слики“ ќе се одржи денеска во објектот Даут пашин амам, со почеток во 12 часот во рамките на ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски.

Како што соопшти Националната галерија, оваа монографија посветена на творештвото на нашиот водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, е издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Промотори на монографијата ќе бидат д-р Дита Старова Ќерими, Паскал Гилевски и Раде Силјан.

– Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета. Конкретно, исклучителноста, односно издвоеноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на овие надреално фантастични визии како константен предизвик, определба која постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство, наведуваат од Националната галерија.

Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште завршува во Скопје 1958 година. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Од 1966 до 1991 година работи како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980) и др. Во 1994 година станува дописен член во МАНУ.

Би можело да ве интересира

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска

Македонските уметници може да учествуваат во изработка на мурал за иднината на Европа

Ана Ололовска