Промоција на „Меч од мечти“ – збирка песни од Диме Данов

Од:

Збирката песни „Меч од мечти“ од Диме Данов вечер ќе биде промовирана на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ).

„Меч од мечти“ е прва стихозбирка на Данов. Стихови ќе читаат Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади. Музиката е на ВИС „Тркалезна маса“.

Според поетот Митко Гогов, Диме Данов умешно го гради својот поетски свет.

-Специфичен и загатлив, социјално ангажиран, мистичен и урбан истовремено, на моменти архаичен, на моменти модерен, Диме Данов умешно го гради својот поетски свет. Во неговиот книжевен трем ни нуди зборови што претходно грижливо и внимателно ги подготвил во композиции што потсетуваат на кодирани откинати сеќавања од животот, остава клучеви-симболи што го одредуваат точното енергетско прелетување низ традицијата, неговите персонализирани обичаи и ритуали, патеките и маалото во кое растел, силните раце на дедо му, поповката и преминот, трансмиграцијата во сегашноста, во моментот сега и овде, каде што сѐ е поразлично, напиша Гогов.

Според поетот Исток Улчар, некои читатели ретко би можеле да проценат дали она што остава впечаток на љубовна исповед е всушност навистина тоа, зашто авторовиот стил е речиси целосно ослободен од непотребната евтина патетика.

-Наместо тоа, во овие стихови љубовното чувство зрачи слики и мириси, врамувајќи го спојувањето на две души во живописни природни и урбани пејзажи, напиша Улчар.

Диме Данов е роден во 1996 година во Неготино. Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни книжевни списанија, како што се: „Допир“, „100.000 поети за промена“ (2019 и 2020), антологијата „Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2018), a во препев на српски јазик негови песни се објавени во „Рукописи 37“, во „Енклава“ и во седмиот број на „Блудни стих“.

Учествувал на повеќе поетски читања во земјата и во странство, како што се: „Астални проекции“ во Скопје, „Бесни песни“ во Лесковац, Србија и „Сто илјади поети за промена“ во Струмица. Диме Данов е и фотограф и има освоено неколку значајни награди за фотографија.

Би можело да ве интересира

Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книга во Лајпциг

Предраг Петровиќ

Трет Скопски поетски фестивал

Предраг Петровиќ

Промовирана стихозбирката „Ризница” од Мира Георгиевска

Реномираното меѓународно списание „Версвил“ објави тематски број „Поезија од Македонија“

Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на романската награда за поезија „Михаи Еминеску“

Предраг Петровиќ

Промоција на стихозбирката „Куќа во куќа“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска

Ана Ололовска