Во Младинскиот културен центар, Скопје, утревечер во 20 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Куфер за тројца“ на Живко Грозданоски во издание на ИЛИ-ИЛИ. За делото ќе зборуваат проф. Билјана Ванковска и писателот Иван Шопов.
Се работи за 96. наслов во популарната едиција ПРОаЗА на ИЛИ-ИЛИ, за кој илустрацијата на корицата е на Марија Смилевска, дизајнот го изработи бригада.мк, а книгата излезе со поддршкка на Министерството за култура на РМ.
Живко Грозданоски е роден 1986 во Кичево. Досега ги објави книгите „Песок и свила“ (поезија, 2005), „Отпечатоци врз коцки мраз“ (куси-куси раскази, 2009) и „Приказни за тревите“ (раскази, 2011). Од италијански јазик превел дела од А. Барико, И. Звево, Е. Монтале и Н. Аманити. Живее и работи во Скопје.
Книгата „Куфер за тројца“ на Живко Грозданоски се состои од три новели: „Ќе те сакам засекогаш“, „Куфер за тројца“ и „За животот на едно дрво“. Со голема леснотија и многу хумор, кој понекогаш е урнебесен, а понекогаш многу горчлив и повеќе нè тера на плачење отколку на смеење, авторот зборува за сеопштата „сапунизација“ и тривијализација на секојдневието, вешто поигрувајќи си со конвенциите и општите места од она што е масовна и поп култура. Боејќи ги приказните со локален колорит, Грозданоски не ја штеди малограѓанштината, глупавоста и плашливоста на просечниот човек. Нарацијата која на моменти изгледа мрачна е разбиена со бројните младешки анегдоти и натопена е со емотивност која вешто се спасува од патетиката. Понекогаш раскажани со едноставен израз, а понекогаш со радикални постапки и техники (како новелата „За животот на едно дрво“ која има дури триесет различни наратори), приказните на Живко Грозданоски имаат една заедничка карактеристика: секогаш ве тераат да ја свртите следната страница и да продолжите со читањет, вели писателот Иван Шопов во освртот кон книгата на Гроздановски.