Во Младинскиот културен центар денеска и утре од 20 часот ќе биде претставена збирката кратки хорор раскази „Морбидизам“ од Златко Ѓелески и изложба на слики и цртежи насловена „Креатури на смртта“ на Игор Аврамовски.
– „Морбидизам“ е манифест на македонскиот фантастичен расказ, а неговиот автор е борец за литературата на имагинарното, истражувач во најтемните простори на човечкото постоење, смело откривајќи ги демоните на натприродното, необјаснивото, непознатото и забранетото знаење. Хорор преданија раскажани на македонски начин. Педесет кратки и смели литературни бодежи кои нема да го остават читателот рамнодушен, соопшти Младинскиот културен центар.
Збирката раскази ќе се продава по промотивна цена, а со првите 50 примероци ќе има и аудиодиск со раскази прочитани од самиот автор.
Златко Ѓелески (1986) дипломирал Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Работи на промовирање на хорор културата во Македонија, автор, уредник и издавач е на хорор-списанието „Кошмар“ од 2008 година. Дел е од водителската екипа на радиската хорор-емисија „Danse Macabre“ на Канал 103 и е меѓу организаторите на ревијата на хорор-филмови „Мрак фест“.
„Морбидизам“ е негова прва збирка раскази, а ја подготвува и втората со наслов „Колекционер на страв“.