Промоција на книгата „Како да се нацрта разговорот“ на Свето Стаменов и Људмил Спасов

Од:

Во рамките на 57-то издание на Меѓународната културна манифестација „Рацинови средби“ утре во Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ во Велес ќе биде одржана промоција на книгата „Како да се нацрта разговорот“ (радиски разговори за македонската култура, за македонскиот јазик, за литературата, за големите луѓе…) на Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист, и проф. д-р Људмил Спасов, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, лингвист и македонист.

Книгата е своевидна збирка од 16 радио – интервјуа реализирани во рамките на авторскиот проект „Quo vadis“ и редовната попладневна програма „Актуелно“ на Македонското радио – Радио Скопје во периодот јуни 2015 – мај 2019 година. Интервјуата се правени по повод одбележувањето на разни годишнини на настани значајни за македонската културна историја (седумдесет години македонски правопис и македонска граматика, 115-години од излегувањето на македонската златна книга „За македонцките работи“…), како и разни годишнини на значајни личности на македонската култура во минатото и денес (1.100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски, деведесет години од смртта на Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески како камен – темелник на современата македонска култура, Влада Урошевиќ и македонската литература…). Исто така, тема на интервјуата се и актуелни теми поврзани со македонскиот јазик, статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик и предизвиците пред кои е исправен, неговото научно истражување и за резултатите од тоа, потоа јазичната политика во Република Северна Македонија, јазичната политика на соседните држави во однос на нашата држава и сл. Она што е значајно за овие интервјуа е дека тие не само што ги објаснуваат фактите поврзани со поставените прашања, туку го одразуваат и општествениот миг кога е разговарано.

Бардот на македонското новинарство Зоран Иванов во својата рецензија за книгата „Како да се нацрта разговорот“ вели дека е „современа приказна за македонската лингвистичка наука и историски патопис за макотрпното растење на нашиот јазик и нашето писмо низ историјата. Едиторијал за отпорите, за одбивањата на туѓите јазични влијанија. За симбиозата со вековната народната говорна традиција. За генерациските напори на плејада ентузијасти вткаени во градењето на сопствените народни јазични фундаменти. Книгата претставува историска културолошка матрица врз која денес почива современиот македонски јазик. Во истовреме, и историографија за јазикот во кој е македонската мисла на Мисирков и македонската татковина на Конески. За фонетиката како појдовен принцип и на пионерите градители од Прличев, Пулевски, Цепенков, Миладинов па се до Рацин, Неделковски, Јаневски, Андреевски. За објективните историски притисоци и влијанија од платформите на туѓите јазични влијанија. За македонската литературна интелигенција која, во дефинирањето на нашиот јазик и писмо, чекорела по сопствените, по автентичните патеки трасирани во говорните традиции на сопствениот народ“.

Промотор на книгата „Како да се нацрта разговорот“ ќе биде проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, а модератор д-р Сашо Димоски, директор на Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ во Велес.

По промоцијата на „Како да се нацрта разговорот“ Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и публицист, во рамките на 57-те „Рацинови средби“, на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес ќе и подарат педесетина примероци од нивните досега објавени книги и од оние во кои на кој било начин учествувале во нивното објавување, со цел да се збогати нејзиниот книжен фонд.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска