Промоција на книга и проекција на филм на Вим Вендерс во Кинотека

Од:

Филозофскиот филмски фестивал и Филозофското друштво на Македонија организираат промоција на македонскиот превод на книгата „Замислување на мирот: Дијалог за перцепцијата (Inventing Peace, A Dialogue on Perception)“ на режисерот Вим Вендерс и проф. д-р Мери Зурнази.

Промоцијата ќе се одржи на 3 ноември (вторник) со почеток од 19 часот во Кинотеката. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Иван Џепароски, професор по естетика и раководител на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Првото издание на едицијата Филмософија во издание на Филозофското друштво на Македонија е реализирано со финансиска поддршка на Агенцијата за филм. Едицијата ќе објавува дела од областа на филозофијата и естетиката на филмот, интердисциплинарни студии, од домашни и светски познати автори.

Замислување на мирот е книга напишана во два гласа, филмски режисер и професор по филозофија, кои преку нивниот дијалог за мирот го канат читателот на замислување и (ре)осмислување на мирот, давајќи му слика и глас, во свет преполн со насилни и дехуманизирачки слики во и надвор од екраните. Низ овој дијалог помеѓу филозофијата и филмот, меѓу двајца луѓе од две различни земји и два континента, меѓу две човечки суштества кои се грижат за една заедничка и хумана иднина на светот, почнуваме да ја разбираме важноста на тоа како гледаме на светот, но и улогата која филмската уметност (може да) ја има, истовремено инспирирајќи ги режисерите да се навратат на филмот како на нешто што ја зацврстува, а не избегнува стварноста (reality-enhancing vs. reality-avoiding), низ зборовите на Вендерс. Станува збор за дело кое нуди една нова и свежа перспектива, канејќи нè да влеземе во дијалог и да размислуваме за начините на кои би можеле да придонесеме кон перципирањето и креирањето на мирот преку уметноста и, поконкретно, филмот.

Вим Вендерс е германски режисер, продуцент, фотограф и писател. Неговите филмови се интернационално признати и познати, како на пример „Алис во градовите“ (Alice in the Cities), „Кралеви на патот“ (Kings of the Road), „Американскиот пријател“ (The American Friend), „Париз, Тексас“ (Paris, Texas), „Небото над Берлин“ (Wings of Desire), „До крајот на светот“ (Until the End of the World), „Буена виста сошл клаб“ (Buena Vista Social Club) и многу други. Неговиот прогресивен 3Д филм „Пина“ беше номиниран на Академските награди за Најдобар документарен филм во 2012 година. Вендерс е претседател на Европската филмска академија. Тој предава филм како професор на Универзитетот за ликовни уметности во Хамбург.

МЕРИ ЗУРНАЗИ е австралискa писателка и филозоф. Таа предава на програмата за социологија при Универзитетот Њу Саут Вејлс во Сиднеј и е автор на повеќе книги, меѓу кои и книгите „Надеж – Нови филозофии за промена“ (Hope – New Philosophies for Change) и „Клучни зборови за војната: Заживување на јазикот во ера на терор“ (Keywords to War: Reviving Language in an Era of Terror).

По промотивната реч на проф. д-р Џепароски, а во соработка со Кинотеката и Гете институт Скопје, ќе биде прикажан Токио-Га (Tokyo-Ga), документарен филм на Вендерс за творештвото на јапонскиот филмски великан Јасуџиро Озу. Проекцијата на филмот ќе биде бесплатна и отворена за сите посетители.

Промоцијата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде организирана со сите постојни мерки за заштита, а публиката е потребно да носи заштитни маски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска