Од 23.04 до 30.04 во арт-кафето „Концепт 37“ ќе се реализира интерактивниот проект „Признавам“ чии иницијатори се: Сандра Камилоска, Андреа Хајди, Кристина Керкез, Мики Стефаноски и Дејан Спиркоски. Станува збор за проект во кој секој посетител ќе може на парче хартија анонимно да ги сподели своите тајни и признанија кои ќе бидат споделувани на социјалните мрежи – #признавам во текот на целата недела. Додека на 30.04 (среда) сите тајни ќе бидат излoжени и ќе може да се прочитаат на ѕидовите на „Концепт 37“.
„Постојат работи во животот кои немаме храброст да ги кажеме на глас, се плашиме да ги признаеме и ги носиме со себе, во себе. Но, што ако можеме да ги запишеме во потполна дискреција? Што ако почнеме да креираме места каде што е безбедно да се споделува и признава додека пробуваме да ја пронајдеме смислата на животот. Да бидеме дел од групата која креира сигурни места во кои сите наши признанија се испишани и ослободени од осудување.“, велат иницијаторите на проектот „Признавам“.
Тие сметаат дека овој проект ќе ни овозможуви анонимно да ги споделиме нашите најголеми тајни за љубовта, фамилијата, среќата, стравовите, сексот, односите со другите, конфузијата на животот и сите моменти на каење.
Проектот „Признавам“ е инспириран од младата американска уметница Кенди Ченг и нејзиниот проект “Confessions”.