Премиера на „Снежана на крајот умира“ на фестивалот „Сламденс“ во САД

Од:

Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ по сценарио и во режија на Кристијан Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“, кој со физичко присуство и онлајн ќе се одржува од 20 до 30 јануари во Парк Сити, САД.

„Снежана на крајот умира“ е социјална драма – комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Филмот е составен од три испреплетени приказни за три групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Филмот е македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи Вертиго висуал од Северна Македонија и Карета филмс од Кипар, а финансиски е поддржан од нашата Агенција за филм и кипарскиот филмски фонд.

Продуцент на филмот е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.

„Сламденс“ е Оскар-квалифицирачки фестивал на дебитантски филмови со буџет до милион долари, чие мото е „од филмаџии за филмаџии“. Оваа година селекцијата на филмовите е направена од преку 8100 пријавени филмови.

На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо (познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер (познат по „Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“)…

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето