Премиера на обновената „Кармен“ со Ирена Кавкалеска во насловната улога

Од:

По 17 години од претходната обнова, Операта вечер од 20 часот премиерно ќе ја изведе новата обнова на оперската претстава „Кармен“ на Жорж Бизе, овојпат во режија на Нина Најденова од Бугарија. Во насловната улога, како и во 2002 година, повторно е мецосопранот Ирена Кавкалеска, првенка во Националната опера и балет.

Новата „Кармен“ е седма верзија по првото нејзино поставување на нашата сцена во 1951 година. Ќе настапат солисти, хорот, оркестарот и балетски ансамбл на НОБ. Кореограф е Олга Панго, диригент е Енрико Довико од Италија, сценографијата е на Елена Иванова од Бугарија, а костимограф е Марија Пупучевска.

Последен пат во верзијата на „Кармен“ од 2002 година Кавкалеска настапи пред пет години. Таа на прес-конференција рече дека очекува дека и сега имаат добра претстава што ќе ја привлече публиката која, рече, секогаш сака да ја гледа оваа популарна опера.

– Ми прави големо задоволство да ја изведувам оваа опера, секогаш ја изведувам со истиот ентузијазам. По толку години не мислам како технички ќе ја исполнам, туку како ќе уживам во неа, рече Кавкалеска.

„Кармен“ е приказна за љубов, омраза, одмазда. Оригиналната партитура на Бизе била микс на драма и музика – песни, танц и дијалог за да се раскаже приказната, при што композиторот користел музички традиции, како што е шпанскиот фолклор.

Оваа опера во четири чина која припаѓа на т.н. опера комик е најпозната во француската оперска литература. Настаната е според истоимената новела на Проспер Мериме и имала неуспешна премиера на 3 март 1875 зашто прикажала приказна за ниски страсти, разбојништва, грабежи, проституција… различна од дотогашните „елегантни“ теми.

Премиерата на „Кармен“ на македонската сцена била на 4 март 1951 со Ана Липша Тофовиќ во насловната улога, а тоа било и влез на француската опера кај нас. Во претходните обнови, покрај Кавкалеска, ликот на Кармен го толкуваа и оперските певици Милка Ефтимова и Анастасија Низамова.

По вечерашната премиера, обновената „Кармен“ репризно ќе биде изведена на 12 ноември.

Би можело да ве интересира

Јапонски грант за Националната опера и балет

Ана Ололовска

Премиера на обновената опера „Кармен“

Ана Ололовска

Пласидо Доминго веќе не е директор на Операта на Лос Анџелес

Ана Ололовска

Барокната опера „Дидо и Енеј“ постави платформа со нови естетски вредности

Ана Ололовска

Операта „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл во Филхармонија

Ана Ололовска

Љубовната опера „Дидо и Енеј“ првпат во Македонија со ѕвездите Гарванлиев и де Силва!

Ана Ололовска