Премиера на „Браќа Карамазови“ во режија на Пројковски во Народниот театар во Софија

Од:

Претставата „Браќа Карамазови“ во режија на македонскиот автор Дејан Пројковски вечерва ќе биде премиерно изведена на големата сцена на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија.

Пројковски го режира најголемиот проект за оваа сезона на сцената на водечкиот бугарски театар и еден од најважните европски театарски центри, а претставата е дел и од официјалната програма на „Пловдив – европска престолнина на културата за 2019 година“.

Народниот театар од Софија „Браќа Карамазови” на Пројковски ја најави како грандиозна и неверојатна претстава, истакнувајќи ги спектакуларната сценографија и раскошните костими, но и ѕвездената актерска екипа во која учествуваат дел од најголемите актерски имиња на бугарскиот театар денес.

-Разликата помеѓу совршената и останатите камбани е во еден полутон кој што го слушаат само големите мајстори. Таква е разликата и помеѓу ангелот и ѓаволот. Токму со тој полутон се занимава нашата претстава. Важно е човекот да го изострува добриот слух, изјави Пројковски, при најавата на премиерата во бугарските медиуми, истакнувајќи дека „за човекот не е важно само дека живее, туку и прашањето зошто живее. Всушност, оваа претстава е едно бурно и емотивно патување низ човековата душа и срце, најави Пројковски.

Пројковски, покрај режијата, ја потпишува и сценската адаптација на епохалниот роман на Достоевски, а заедно со него, на претставата работеа уште двајца истакнати македонски автори – сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајковски. Костимите се на легендарното име на бугарскиот театар, Елена Иванова.

Билетите за премиерата се одамна распродадени, а следните изведби се во мај и во јуни.

Вечерашната премиера за македонскиот режисер значи освојување на уште еден важен театарски центар, откако минатата година за свои претстави доби престижни награди во регионот – неговата „Ромео и Јулија“ беше прогласена за најдобра претстава во Турција, а претставата „Орестија“ беше прогласена за претстава на годината во Хрватска.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска