Префинета и атрактивна изведба на младите француски уметници Кристоф и Мусат

Од:

На 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ публиката проследи уште еден возбудлив концертен настап на двајца млади и шармантни музичари од Франција. Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот синоќа настапија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Вансан Мусат.

Вечерта исполнета со пријатните звуци на пијаното и кларинетот започна со соната за овие два инструменти од францускиот композитор и пијанист Франсис Пуланк,а потоа прозвучија префинети хармонски и звучни бои од Првата рапсодија на Клод Дебиси.

На вчерашниот репертоар се најдоа и шесте пиеси за пијано „По брановите“ од Анри Дитје. Одличната програма беше заокружена со Фантастичните пиеси на Роберт Шуман и Соната за кларинет и пијано број еден од Јоханес Брамс.

-Имавме долга програма, но уживавме во сите дела што ги отсвиривме. Црквата „Света Софија“ е навистина прекрасна и акустиката беше одлична. Ни беше огромно задоволство што свиревме тука. Со Жо сме пријатели целиот живот, но првпат се соединуваме во дует и се надевам дека повторно ќе имаме прилика повторно да свириме заедно, изјави пијанистот Мусат.

Кларинетистот Жо Кристоф освен што музицираше заедно со Мусат, вчеравечер мошне виртуозно го долови и Омажот на Клод Дебиси за кларинет соло.

-Навистина уживавме при нашиот настап на фестивалот. Публиката беше одлична и многу приемчива, рече Кристоф.

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје. Синоќешниот концерт го проследи и Емануел Рембер, советник за култура и соработка при Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија и директор на Францускиот институт во Скопје.

-Синоќа имавме прилика да проследиме еден прекрасен концерт со двајца млади солисти, прекрасниот кларинетист Жо Кристоф и исто така извонредниот пијанист Вансан Мусат коишто првпат оформија дуо. Навистина беше прекрасно и за нив може да се каже дека се идни виртуози.

Навистина сме среќни што сме присутни на овој фестивал којшто постои речиси 60 години. Среќни сме заради француската вечер на фестивалот што се изведува по 13-ти пат. Се разбира дека ќе бидеме присутни повторно и следната година, рече Рембер.

Во рамките на Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ досега настапиле звучни имиња од француската класична музика меѓу кои големиот виртуоз на хармоника Ричард Галијано, триото „Вандерер“, врвните пијанисти Уго Леклер и Елен Котино-Коен, еден од најреномираните камерни ансамбли,квартетот „Ардео“, а минатата година фестивалската публика уживаше во концертот за четири раце на пијано што го приредија Мишел и Николас Буронкле.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор