Познатиот косовски уметник Албан Муја изложува во Скопје

Од:

Во галеријата SIA (Serious Interests Agency) во Скопје утревечер, со почеток во 20,30 часот ќе биде отворена изложбата на Албан Муја, насловена „Именувања“.

Албан Муја (1980) е еден од најзначајните современи уметници од Косово, кој припаѓа на помладата генерација што се занимава со критичко преиспитување на сложените, бавни и проблематични процеси на општествената трансформација.

Изложбата „Именување“ се состои од неколку одделни проекти обединети под интересот за феноменот на именувањето: „Мое име, нивен град“ (2012), серија од седум фотографии на кои се прикажани личности од Косово именувани по градови во Албанија; „Тониевци“ (2010), фотографија на која се прикажани девет момчиња родени во и по 1999 година на кои им е дадено име Тониблер, по тогашниот британски премиер Тони Блер, доживеан како еден од главните заштитници на косовските Албанци за време на војната во Косово, како и двете видеа, „Палестина“ (2005) и „Тибет“ (2009), кои се документирани лични сведоштва за нивното именување.

Сите претставени дела, доволно зборуваат за фасцинацијата на Муја со феноменот на именувањето, но од различни аспекти и во различен контекст. Третирани низ различни медиуми и врз различни индивидуални приказни, стануваат појасни и поединечните мотиви за именувањето во секоја одделна „приказна“. Тоа ја нагласува важноста на навидум едноставното преврамување низ призмата на уметникот и ја оправдува функцијата на конкретната интервенција преку избраниот медиум, дури и кога таа е минимална.

„Иако проблемот на именувањето во делата на Албан Муја се однесува на локални косовски феномени, нивното претставување во Македонија, случајно и ненамерно, но сепак соодветно, отвораат простор за неодговорените прашања кои се врзани за идентитетот, личен и колективен, како и можностите за нивно разрешување или, пак, помирување со неможноста тие да се разрешат на начините кои досега биле понудени“, пишува Владимир Јанчевски, во текстот за оваа изложба.

SIA (ул.Ѓорѓи Пешков 6) е независен центар во Скопје, кој промовира креативни и теоретски практики кои подразбираат општествен ангажман и промена.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска