„Подемот и падот на кабарето“ – премиера на МНТ

Од:

„Подемот и падот на кабарето“ е најнова претстава на Македонскиот народен театар, во режија на Владимир Милчин, која премиерно ќе биде изведена в сабота. Настапува голема екипа од 22 актери кои ќе го прикажат развојот на кабарето – од неговите почетоци, со Француската револуција на крајот на 18 век, до 1930-тите години кога е уништено од нацистите.

Основата на претставата се „Зелениот папагал“ од виенскиот автор Артур Шницлер чии дела, како и многу други еврејски, биле спалени од нацистите, и „Протестен собир“ и „Војна“ на Лудвик Тома. Ќе има девет песни – осум од француски и германски автори, кои актерите ќе ги изведуваат во живо, а последната, од рускиот Данил Хармс, ќе ја отпеат во хор.

Режисерот Милчин  на прес-конференција рече дека кабарето е уметност на  слободата, а тоа го платило скапо – кабаретистите биле цензурирани, пристискани и биле протерувани – убиени или депортирани тие што не криеле што мислат и уметнички го изразувале својот однос кон стварноста. Претставата е  уметничка посвета на, како што рече, галаксија на илјадници кабаретисти кои пееле и играле на разни сцени, по визби и подруми, од Париз до Берлин.

– Не можеме со една претстава да ја откриеме целата галаксија на овие автори, ова е само една планета на таа галаксија… И театарот на својот брат – кабарето му оддава признание зашто е простор на слободата. Кабарето е забавно, но е сериозно. Може да биде остро и зајадливо, да биде нешто плус, и кога било такво кабарето било најславно зашто во тоа е неговата вредност, истакна  Милчин.

Иако подготовката била долга и тешка, а тој предупреден дека е „самоубиство“ да се прави претстава со голем број актери, процесот  имал пријатни изненадувања, посебно што го открил талентот на актерите за играње и пеење.

–   Милам дека на нацонални театри им прилегаат вакви проекти. Кабаретската димензија е раскошно застапена, и  солистички и хорски, рече Милчин и додаде дека песните во претставата се во функција на коментар или доплнување на Шницлеровиот „Зелениот папагал“.

Оригиналната музика е на Марјан Неќак, сценографијата на Крсте С. Џидров, костимите ги изработи Марија Пупучевска.

Играат: Тони Михајловски, Емил Рубен, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Владимир Ендровски-Љац, Арна Шијак, Сашко Коцев, Гораст Цветкоски, Борче Начев, Никола Ацески, Јордан Симонов, Благој Веселинов, Ивица Димитриевиќ, Ана Стојановска, Александар Ѓорѓиевски, Тина Трпкоска, Кристина Леловац, Емилија Мицевска, Софија Настевска-Трифуновска, Нино Леви, Славиша Кајевски и Трајче Георгиев.

Директорот на МНТ Дејан Лилиќ рече дека му е жал што и самиот не игра во претставата на својот професор, но дека му е големо задоволство што успеал по долго време да го донесе на сцената на МНТ со претстава која, рече тој, одговара на сензибилитетот и креацијата што Милчин ја носи како режисер и како професор.

Лилиќ соопшти дека МНТ по оваа премиера продолжува со подготовките на „Вечна куќа“ со која во септември ќе почне да работи новиот објект на театарот. На „Охридско лето“ МНТ ќе настапи  на 21 јули, со „Изгубени Германци“ на режисерот Слободан Унковски.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска