Почнува Меѓународниот фестивал на филмска монтажа

Од:

Меѓународниот фестивал на филмската монтажа „Синематик“ ќе биде отворен денеска, во 20 часот во киното „Милениум“. Фестивалот го организира Асоцијацијата на филмски професионалци и ТВ-соработници на Македонија Скопје, со поддршка од Агенцијата за филм на Р. Македонија.

Фестивалот ќе биде отворен со македонска премиера на албанско-италијанско-македонската копродукција „Скршено“ (Broken) во режија на Едмонд Будина.

Некои велат дека филмот се создава три пати: на хартија, при снимањето и при монтирањето. Монтажерот поставува темпо и ритам, диктирано од редоследот на кадрите и тајмингот на приказната. Се вели дека добриот рез треба да е невидлив. Ова е прашање на проценка. Сепак, во никој случај креаторите на тие резови и правилата на нивната уметност не смеат да останат невидливи. Токму тоа е улогата на тридневниот Фестивал на филмската монтажа „Синематик“ – да им понуди на монтажерите платформа за презентација и дискусија на нивната работа. Фестивалот ги става во фокус монтажерите, направен е во нивна чест и се обидува да им го обезбеди заслуженото место во светската филмска уметност.

Токму затоа, фестивалот доделува награда за животно дело на еден монтажер. Во негова чест се прикажува избор од филмови од неговиот опус пред публиката и се нуди можност публиката да постави прашања на лауреатот за неговиот специфичен стил и неговата работа низ децениите. Наградата за животно дело за монтажа во петок во 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе му биде врачена на годинашниот лауреат Андрија Зафрановиќ кога во негова чест ќе биде прикажан филмот „Уставот на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ.

Зафрановиќ претходно денеска во 11 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе одржи мастер-клас.

Во официјалната програма на фестивалот, освен „Скршено“ и „Уставот на Република Хрватска“, се уште четири филмови. Тоа се првата руско-македонска копродукција со литванско учество „Хармс“ (2017) во режија на Иван Болотников, семејната драма „Лето 1993“ (2017) на Карла Симон кој беше најдобар дебитантски филм на „Берлинале“, германската драма „Генерација Милениум“ (2017) во режија на Јана Биргелин и тинејџерската драма „Центарот на мојот свет“ на Јакоб Ерва, филм кој беше прикажан на повеќе од 30 фестивали во светот, а меѓудругото ја освои и Баварската филмска награда за режија. Програмата ќе се прикажува во Кинотеката на Македонија.

Повеќе за распоредот на проекциите овде: http://cinematicff.com/program.html

За главната награда „Златен рез“ за најдобар монтажер ќе одлучува тричлено жири во состав: Миле Петковски, претседател, Благоја Неделковски и Ванчо Мираковски, членови.

„Синематик“, исто така, сака да поттикне и охбрабри што повеќе домашни млади монтажери. Затоа воведовме и Награда за македонски монтажер на студенти по монтажа која значи различни теми за дискусија со веќе искусни монтажери кои им даваат вредни совети за нивните идни кариери и шанса да работат со докажани професионалци.

Оваа награда ќе биде доделена за најдобриот филм во Студентската програма која фестивалот ја реализира во соработка со Факултетот за драмски уметности од Скопје, ЕСРА, Факултетот „Гоце Делчев“ од Штип и Академијата ФИОФА од Охрид. Селекцијата од студентски филмови ќе биде прикажана во сабота од 17 часот во Кинотеката.

Во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во петок во 13.30 часот ќе биде одржана работилница на тема „Виртуелната реалност како технолошки нов начин на создавање на приказни, применета во филмови и видеоигри“, под менторство на Петар Котевски.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето