По долго и тешко боледување вчера почина познатиот португалски поет, раскажувач, есеист, драматург, хроничар и преведувач Васко Граса Моура, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2004 година.
Моура е роден во Порто на 3 јануари 1942 година. Студирал право и бил значајна фигура во јавниот и политичкиот живот на Португалија и Европа. Раководел значајни институции во Португалија, од националната телевизија, до институции од областа на културата и уметноста, но со своето творештвото тој се вбројува меѓу најреномираните современи португалски поети.
– Водејќи се од поетичкиот принцип дека сè може да биде преобразено во литература, неговите песни се обид за поетска трасфигурација на баналното. Поезијата преку интелектуалноста и култивирана перцепција тежнеат кон книжевна коверзија на стварноста. Неговиот препознатлив „опуштен“ стил ќе прерасне во особена „наративна поезија“, која многу често претставува своевиден излив на лирското, естетизирана колоквијалност, преку која тој прозаичен стил ги содржи сите стилови, па дури и го рециклира и инкорпорира и техничкиот речник на Западот. Стихот станува израз на искуството, на меморијата, на минливата емпирија низ една лична, биограска емфаза. Некои песни се медитативни екфрази на уметноста и музика, други се инспирирани од историски и книжевни личности, па дури и интензивно лични песни поврзани со големи, хуманистички проблеми, соопшти фестивалот Струшки вечери на поезијата.
Како поет Моура се прослави со книгата „Модус што се менува“ во 1963, по која следуваа, меѓу останатите, и: „Англиска седмица“, „Декември и други песни“, „Рецитативи“, „Инструменти за меланхолијата“, „Концерт во поле“, „Семејни сонети“, „Песни со личност“, „Тестамент на вгм“… Како раскажувач ги објавил: „Четири последни песни“, „Бродолом на Сепулведа“, „Заминувањето на Софонизба во шест и дванаесет наутро“, „Смртта на Никој“, „Љубов моја, ноќе беше“.
Автор е и на книгите есеи: „Луис де Камоеш: неколку предизвици“, „Повеќе гласови“, „Портрети на Изабел и други обиди“. Објавил и две пиеси: „Смена на момчињата на удар“, „Актот на Мофино Мендес“, еден дневник: „Проживеани околности“, три книги хроники: „Хартии од дневник“, „Против Бернардо Соареш и други опсервации“ и „Страници од Порто“ и една книга за деца: „Чизмите на наредникот“.
Васко Граса Моура има преведено и голем број светски автори, меѓу кои Шекспир, Рилке, Гарсија Лорка, Данте Алигиери… За преводот на Божествената комедија ја добил наградата „Песоа“ во 1995 година.