Почина писателот и академик Радован Павловски

Од:

Вчера престана да чука срцето на акад. Радован Павлоски, поетот-класик во македонската литература, препознатлив по определбата додадена кон неговото име – „принц на метафората“, информираше Друштвото на писатели на Македонија.

Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Детството го минал во Железна Река, гостиварско, предел кој станува речиси митско место во неговата поезија, а се школувал и работел во Скопје. Живеел и во Загреб, Хрватска; во Белград, Србија; а од 1985 година трајно се населил во Скопје.

Сиот живот ѝ го посветил на поезијата, за што говори грандиозниот опус. Покрај стихови, пишувал и есеи, патописи и се занимавал со публицистика. Член е на ДПМ од 1961 година. Член е на МАНУ и на Македонскиот ПЕН.

Автор е на следниве книги поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во 3 тома) и „Се случува вечност“ (2014).

Акад. Радован Павловски е коавтор (со акад. Богомил Ѓузел) на манифестот „Епското на гласање“ (1960) и автор на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезол на ДПМ (2002), Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011) и на највисокото признание што го доделува ДПМ за поетски опус, повелбата „Блаже Конески“ (2020). Добитник е и на многу странски книжевни награди и признанија, како и на Орден за заслуга за народ со сребени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“.

Стиховите на акад. Радован Павловски се преведени на голем број странски јазици. Тие се врвни поетски изблици, складирани во ризницата на македонската литература.

Би можело да ве интересира

Почина О. Џ. Симпсон

Горан Наумовски

Почина Слаѓана Милошевиќ

Катерина Ѓуровски

Почина Мирко Попов

Катерина Ѓуровски

Почина академик Јордан Поп-Јорданов

Горан Наумовски

Почина креаторот на манга стрипот „Dragon Ball“

Почина бодибилдерот Мирко Петровски

Катерина Ѓуровски