Писателот Александар Прокопиев учествуваше на меѓународна конференција во Белград на тема „Уметноста и митот денес“

Од:

Истакнатиот македонски писател, критичар и есеист Александар Прокопиев учествуваше во меѓународната конференција „Белградски контрапункт 2020“ насловена „Уметноста и митот денес“, која годинава прв пат беше организирана во онлајн формат, поради пандемијата на Ковид-19.

Конференцијата, која беше организирана од страна на Министерството за култура и информирање на Република Србија и Заводот на проучување на културниот развој во Србија, е меѓународен собир со цел да се соберат уметниците и интелектуалците од различни делови од светот, кои со својот работа значајно придонесуваат за разбирањето на современите светски текови, односно ситуациите во кои се наоѓа човекот денес. „Белградски контрапункт“ е можност за разговор за прашањата кои се однесуваат на заедничките и битни искуства, на кои, од аспект на разни лични и геокултурни точки, може да се дадат различни одговори, а од друга страна, тие разлики можат да се усогласат во еден широко базиран поглед. Конференцијата е замислена да биде пример со кој се потврдува дека човекот е битие за разговор, и да, во разговорот, секој може да ја потврди својата вистина, притоа не отфрлајќи ја вистината на другиот.

На конференцијата активно учествуваа и истакнатиот руски прозен и драмски писател Дмитриј Данилов, шпанскиот поет и критичар Едуардо Мога, американската прозна писателка Теа Обрехт, истакнатиот канадски драмски писател Верн Тисен, и австрискиот историчар, публицист и издавач Ханес Хофбауер.

Конференцијата беше модерирана од еден од најистакнатите српски режисери, воедно и актер, прозен автор и музичар, Емир Кустурица, а воведен збор и учество во конференцијата зема и Министерот за култура и информирање на Република Србија Владан Вукосављевиќ.