Патувачкото кино на „Македокс“ одржа проекции во Калишта и Радолишта

Од:

Со проекција на документарните филмови „Патот на јагулите“ (1958) од Ото Денеш и „Планински кавијар“ (Blueberry Hill, 63 мин., 2017, Македонија) на Јордан Дуков, кои во својата основа имаат еколошка тематика и го третираат односот на човекот кон природата, на 12 јули, на празникот Петровден, во селото Калишта почна деветтото Патувачко кино на „Македокс“.

Проекцијата на филмовите се одвиваше во дворот на селската црква Свети Никола, која се наоѓа непосредно пред влезот во комплексот на познатиот Калишки манастир посветен на Света Богородица. Во текот на денот пред проекцијата, екипата на Патувачкото кино имаше можност да ги открие старите приказни на рибарското село Калишта, а главен водич низ селото им беше рибарот Бате Боле со неговите бројни рибарски стории. На проекциите присуствуваа и повеќе пријатели на „Македокс“, кои се сместени во Струга. Случајно или не, на почетокот на Патувачкото кино, на Петровден, дел од екипата на „Македокс“ беа Петра, Петрула, Питер и Петар.

Следниот ден, на 13 јули, Патувачкото кино пристигна во струшкото село Радолишта. Сместено на падините на планината Јабланица, Радолишта остава силен впечаток со својата големина, високите куќи и широките улици што водат директно во центарот на селото. Населението во Радолишта брои околу 4.500 до 5 илјади жители. За разлика од рибарските села крај брегот на Охридското Езеро, жителите на Радолишта главно се занимаваат со земјоделие и занаетчиство, а голем број од нив се на печалба во странство. Проекцијата на документарниот филм „Со љубов“ (Avec l’amour, 67 мин., 2017, Македонија) на режисерот Илија Цветковски се одвиваше во дворот на основното училиште „Ашим Агуши“, а огромна поддршка во реализацијата на проекцијата екипата на „Македокс“ доби од директорот на училиштето, Шефи Ценка.

Следните проекции на Патувачкото кино на „МакеДокс“, кое годинава се одржува од 12 до 25 јули во Струшкиот регион, ќе се одржат во Октиси (14 јули), Мислодежда (15 јули), Ташмаруништа (20 јули), Радожда (21 јули), Мали Влај (22 јули), додека на 25 јули ќе се одржи Еко-докумаратон во Струга.

Патувачкото кино е неделив дел од Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и поддржано е од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Почна фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Видеохроникa од патувачкото кино во Преспа

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

„Македокс“ – отворен повик за волонтери

„Македокс“ објави повик за продуценти/автори на документарни филмови за форумот МакеКоПроДокс

Жарко Настоски