Овации за Биљана Драгиќевиќ-Пројковска во Народниот театар во Софија

Од:

Во средата, (вчера) на 22 февруари, една од нашите најдобри актерки Биљана Драгиќевиќ Пројковска играше како гостин на сцената на Народниот Театар „Иван Вазов“ во Софија. Пројковска во улогата на ликот Серафима Илинична беше дел од претставата “Животот е прекрасен” во режија на Александар Морфов, кој е еден од водечките европски режисери на денешницата. Пројковска имаше повеќе пати аплаузи на отворена сцена во текот на претставата, а на крајот од изведбата беше поздравена со бурни аплаузи и овации.

Инаку, и македонската публика имаше можност да ја гледа Биљана Драгиќевиќ Пројковска, толкувајќи го истиот лик на Серафима Илинична, во нашата изведба на „Животот е прекрасен“, поставена во Македонскиот народен театар, во режија на Александар Морфов. Важно е да се спомене, дека оваа македонска врвна актерка за истата улога ја доби и престижната актерска награда на Македонскиот Театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“, за најдобра епизодна женска улога на изданието на Фестивалот во 2016 година.

Народниот театар „Иван Вазов“ со оваа изведба го прослави јубилејот по повод 100-годишнината от раѓањето на големата режисерка и професорка Јулија Огненова. По повод јубилејот на сцената на Народниот театар се одигра претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман на режисерот Александар Морфов, кој што е еден од нејзините најпознти ученици.

Претставата е создадена според драмата “Самоубиецот” на Николај Ердман, која долги години беше забранета за играње од властите во Советскиот сојуз.
Претставата е една од најдобрите и најгледаните во Народниот театар и билетите за синоќешната изведба беа распродадени неколку месеци порано.

Во претставата заедно со Пројковска играат големи актерски имиња од Народниот театар: Камен Донев, Рени Врангова, Албена Колева, Руси Чанев, Радина Боршош, Теодор Елмазов, Дарин Ангелов, Валентин Танев, Иван Брнев, Павлин Петрунов, Биљана Петринска, Јордан Петков, Емил И. Марков, Валентин Балабанов…

Поканата за гостувањето на сцената на Народниот театар во Софија, е големо признание за нашата актерка, бидејќи овој театар со своите претстави е еден од водечките во регионот и Европа.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска