„Оваа зграда зборува (на)вистина“ на Филип Јовановски на 14. Прашко квадриенале

Од:

Железничката зграда во Скопје која како симбол на заедништво и солидарност беше предмет на проектот „Кога зградите би зборувале“ почнат пред четири години, ќе биде претставена на 14. Прашко квадриенале за перформанс, дизајн и простор преку уметничкиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на Филип Јовановски.

Проектот ќе биде презентиран во Павилјонот на Република Северна Македонија на големата изложба во Прага од 6 до 16 јуни. Учеството е поддржано од Град Скопје и Министерството за култура. Проектот е составен од три дела – инсталација со перформанс-изведба на актерката Кристина Леловац и кратко видео насловено „Кино Култура“ во соработка со Билјана Тануровска-Ќулавковски, како и двојазична (македонски и англиски) публикација која во рамки на Прашкото квадриенале ќе биде промовирана на 7 јуни.

Станбената зграда спроти Градежниот факултет била градена од 1934 до1946 како периметарски блок за колективно живеење на вработените во Железницата на Југославија. Зградата, во која сега има 74 станови, на времето имала и сопствено кино каде што филмови заедно гледале и до 400 деца. Идејата за проектот што во 2015 почна на иницијатива на здружението Факултет за работи што не се учат е да се зачуваат од заборав и игнорирање трагите од некогашното заедништво и да се нагласи и зачува значењето на јавното и јавниот простор.

– За мене важно во овој проект е преиспитувањето на границите на уметноста. Процесот на истражување што го имавме со станарите е нераскинлив дел од формата. Соработката со жителите таму го дефинира овој проект не само на уметничко, туку и на етичко ниво. Таа приказна за зградата е метафора за утопијата на модернизмот, рече уметникот Филип Јовановски денеска на прес-конференција, посочувајќи дека идејата не е да се презентира животот во зградата, туку дека самиот проект и перформанс е зградата.

Кураторката Ивана Васев посочи дека оваа зграда ги фасцинирала пред пет години кога, како што рече, со реорганизирањето на центарот на градот преку големиот градежен зафат „Скопје 2014“ бил доведен во прашање духот на заедништвото.

-Во тој контекст Железничката зграда ни се чинеше како една мала оаза, простор којшто е отпорен на тоа време. Мислевме дека идеите за заедништво, колективност и солидарност ќе ги покренеме во пошрок општествен дискурс. Таа зграда е некаква минипрезентација на тоа што се случува во нашето општество – , притисок на забрзаниот капитализам и моќните корпорации со кои се губи идејата за јавниот простор и таа се освојува од приватниците и капиталот. Тоа сакавме да го потенцираме преку овој проект, додаде Васев.

Поканата за учество на изложбата во Прага ја добиле од Музејот на Град Скопје. Директорката Фросина Зафировска, која е комесар на македонскиот павилјон, рече дека се работи за најголем меѓународен културен проект на Чешка со учество на 60-ина земји, кој за десет дена има околу 50 000 посетители. Се одржува на секои четири години, почнувајќи од 1967, и доделува награда „Златна трига“.

На Прашкото квадриенале земјава првпат учествуваше пред осум години со проектот „Театар плус“ во секцијата за архитектура и со проектот „Не зјапајте романтично“ во секцијата за национални претставувања.

Би можело да ве интересира

Се поставуваат информативни табли за културно-историски споменици во Струмица

Ана Ололовска

Почнува 14. Меѓународна ликовна колонија „Скопје”

Ана Ололовска

„КЦ 750: Турни ме да кинисам“ вечер во МКЦ

Ана Ололовска

Заврши меѓународната ликовна колонија „Ѓуриште“ во Свети Николе

Ана Ололовска

„Картографија на просторното насилство“ – уметничка интервенција на фасадата на Операта

Концерт на Интернационалниот младински оркестар „Bisyoc“