Отворена изложбата 50 години ликовно творештво на Александар В. Настески – тетовци патуваа низ времето со полувековниот ликовен опус на авторот

Од:

Изложбата 50 години ликовно творештво на тетовскиот сликар Александар В. Настески беше свечено отворена вчера во просториите на Уметничката Галерија (Амам) во Тетово. Изложени се 40-тина дела од полувековниот опус на авторот.

-Имам голема чест да ја отворам оваа изложба на Александар Настески кој е меѓу првите сликари кои почнале да работат во ателјето во Центарот за култура каде се создадени неколку стотици дела со кои сите се гордееме. Центарот ќе биде отворен за соработка со Настески и понатаму, истакна Арлинд Хусеини, директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.

Александар В. Настески истакна дека токму во оваа галерија ја имал првата изложба во 1971 година, по што со средствата од продадените слики успеал да оди во центарот на уметноста Париз, а учењето го продолжи во Белград.

– Потоа се редеа изложбите и годините и така стигнав до овој јубилеј. Важно ми беше да сликам и да ги исполнам годините со творештво, рече Настески.

Посетителите имаа можност за своевидно патување низ времето и да се запознаат со опусот на уметникот создаван во изминатиот половина век погледнувајќи ги делата кои авторот ги поделил во четири циклуси. Така можеше да се погледе Тетовска свадба , масло на платно од 1979 година, Легендата за Тетово од 1998 година, Два бреста и другите мотиви од 2001 и 2002 и многу други.

Во првиот ја истакнува приврзаноста кон Тетово, а во вториот продолжува минијатурни формати на слики со митологија, историја и еротика. Следува циклус со слики кои ги создава и со примеса на културолошки и психолошки аспекти, а последниот е поврзан со античките митови за постанокот на светот како и со античкото македонско сликарство.

Еден од четирите циклуси авторот го има посветено на дела за кои бил инспириран од карпестата уметност која ја наоѓал низ Тетовско, за која посочи дека постои дури од праисторијата. Една од изложените слики е насловена „Маркоа карпа“, како истоимената карпа која уметникот ја забележал во близина на тетовското село Сетоле на Шар Планина.

-Со карпестата уметност започнав да се занимавам пред 20 години. Седум години посветив на осознавањето и студирање на историја на уметност така се заинтересирав за историјата,за културата, митовите, приказните за легенди и наоѓав инспирација. Тие праисториски уметнички дела во карпи се најоригалните наративни ликовни композици кои го пренесуваат животот во тоа време. На Маркоа карпа се забележуваат многу симболи. Проучував обичаи за нашиот народ, како ги правеле ритуалите и нашите предисториски предци мислеле и обележале како ги заштитувале новороденчињата. Симболиката на карпата е издлабена место каде имало волчја кожа каде се ставале децата со симболика дека на волчја кожа – за да бидат јаки и отпорни како волци. Ѕвездата е симбол дека секој човек има своја ѕвезда, изјави Александар В. Настески.

Изложените дела ќе може да се погледнат до сабота.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“