Охриѓанецот Славе Банар го врати „Прличев“ во родниот град

Од:

Најсреќен ми е моментот што успеав преку поемата „Амбар“ малку да се доберам до сиот оној поетски здив што Григор Прличев му го пренесе на Охрид и езерото и на тој начин овозможи да опстојуваме како луѓе благословени да живеат во ваква убавина. Тоа е пораката што авторот Славе Банар ја сподели со присутните на денешната церемонија одржана во Охрид на која му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2014 година.

Банар е почестен што, како што забележа, успеал преку оваа награда да ја продолжи жестоката традиција воспоставена од Прличев како еден од најголемите интелектуалци, автори, преродбеници, луѓе на кои се потпира Охрид и луѓе врз кои се гради се она духовно, креативно, едукативно во градот.

– Минувајќи по стапките на големиот Прличев, верувам дека е гордост не само за охриѓани, туку за сите Македонци што конечно во една чесна, коректна и фер борба преку би рекол во моментов малку политички обоена изјава, добивам награда што му припаѓа на Охрид, рече Банар.

Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература, како претседател на Комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ за поемата „Амбар“ рече дека е обид преку сложен поетски израз да се направи спој на класичното и модерното, а истовремено да прозвучи ангажирано во однос на актуелниот ден.

Аврамоска рече дека Банар преку „Амбар“ се обидува да направи еден фундаментален, широк заграб и наспроти роматичаркото опејување на она за навек загубено рурално време на опстојување на македонската заедница испеано во класични стихови, во дисонантни стихови се појавува времето откако Македонија почнува сама да ја испишува својата историја, еден период од седумдесетина години.

– Тоа е ангажирана и критички осмислена поема, од позиција на воспевање на односот на власта и народот, а по насловната метафора, амбарот се појавува во форма на чадор под кој многу поетски слики се подведени и стои како знак на се она што значи стопанисување со земјата и светоста – визави отуѓеноста на власта. Она што е најзначајно е што еден таков непоетски мотив охриѓанецот Банар успева навистина естетски да го вообличи и тоа да звучи поетски, истакна Аврамовска.

Наградата на лауреатот му беше врачена на денешната свеченост во Центарот за култура во Охрид, во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, востановена пред речиси шест децении, како сеќавање на ликот и делото на најголемиот македонски предодбеник и поет од 19 век.

Би можело да ве интересира

Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книга во Лајпциг

Предраг Петровиќ

Трет Скопски поетски фестивал

Предраг Петровиќ

Промовирана стихозбирката „Ризница” од Мира Георгиевска

Реномираното меѓународно списание „Версвил“ објави тематски број „Поезија од Македонија“

Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на романската награда за поезија „Михаи Еминеску“

Предраг Петровиќ

Промоција на стихозбирката „Куќа во куќа“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска

Ана Ололовска