Од „Бадју“ преку „10 минути постар“ и „Мостови на времето“ до „Градина“ – 4. ден Филозофски Филмски Фестивал

Од:

Саботата, третиот ден од 9. Филозофски Филмски Фестивал (ФФФ) содржински донесе проекции на два нови филма. Во Ревијалната програма филм-философија (18:30) присутната публика имаше можност да се наврати на полскиот оскаровец од 2015 година „контемплативната“ ИДА на Павел Павликовски. Подоцна, во своето излагање на тема: „Ида: обид за едно крос-културно читање“, Наум Трајановски (докторанд на Полската акадмија на науките во Варшава) даде опширен, богат и суптилен контекст на филмот во релација со нарацијата на колективната меморија и локалното сеќавање, особено истакнувајќи ги бројните иницирани контроверзи и диспути што ја следеа појавата на ИДА. Слично како во Полска, вчеравечер и во нашата Кинотека во дискусијата што следуваше се отворија различни прашања и визури во однос на филмот и неговата контекстуализација.

Во 21:30 часот беше прикажан вториот филм од компетитивната селекција на долгометражни филмови, ДИШЕЊЕ ВО МЕРМЕР на Гиедре Беинориуте. Оваа литванско/латвиско/хрватска копродукција базирана на истоимената книга на Лаура Синтија Черниаускаите, добитник на Наградата за литература на Европската унија во 2009 год., постави сложени морални дилеми во однос на разбирањето на семејството и брачната заедница.

Четвртиот ден од Фестивалот ќе биде во знак на ФФФ Doc., односно нишката од Главната програма на Филозофскиот Филмски Фестивал која го евоцира документарниот филм.

Попладнето, во 16:00, ќе биде прикажан филмот посветен на еден од најпознатите филозофи на денешницата, бардот на левицата – БАДЈУ, филм снимен од Горав и Рохан Калјан. Кон филмот, а особено кон одредени аспекти на филозофијата на француската „икона на комунизмот“, ќе се наврати независниот филозофски истражувач, д-р Марија Тодороска во индикативното проседе: „Симптомот Бадју“.

За Балтичкиот нов бран и поетскиот документарен филм ќе стане збор во наредните два филма: култниот краткометражен филм 10 МИНУТИ ПОСТАР на Херц Франк и МОСТОВИ НА ВРЕМЕТО од Одрис Стонис и Кристине Бриеде (18:30). На задоволство на културната јавност во нашата земја, во средбата и разговорот со режисерката од Латвија, Кристине Бриеде, публиката ќе има можност од прва рака поподробно да се запознае со овој специфичен пристап кон документарниот филм и со филмските поети од Балтикот од 60-тите.

Четвртата вечер ќе се затвори со австрискиот играно-документарен филм ГРАДИНА од Питер Шрајнер (21:30), којшто е дел од компетитивната селекција на долгометражни филмови. Режисерот, кој со претходниот филм ЛАМПЕДУЗА беше дел од 7. ФФФ пред две години, остана верен на својот ракопис којшто во своето филмско творештво дава отсјај на атмосферата во филмовите на Бела Тар. Секако, ГРАДИНА е извонреден начин да се заокружи денот посветен на документарниот филм, но секогаш со една свест за игривоста на филмската форма и филмскиот јазик и поместувањето на хоризонтите на гледањето.

Би можело да ве интересира

Преполно на отворањето на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва проекција на „Кралевите на светот“ и „Туки Буки“

Ана Ололовска

Со доделување на наградите „Златен був“ ќе се затвори 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска

Втор ден од 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска

Почнува 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска

Заврши онлајн програмата на Филозофскиот филмски фестивал

Ана Ололовска

Со онлајн концерт и две проекции завршува 10. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска