Избор драмски текстови од турскиот писател Назим Хикмет насловен „Јусуф и Менофис“ објави книгоиздателството „Бата прес“.
Покрај истоимената драма, шестиот том од избраните дела ги содржи и драмите „Човештината не умре“, „Слатки соништа“, „Кога се уриваат домовите“ и „Дали Иван Иванович постоеше или не?“, преведени на македонски јазик од Дрита Карахасан. Изборот е објавен со поддршка на Министерството за култура.
Претходно, како самостојни изданија беа објавени драмата „Ферхад и Ширин“ и поетската книга „Последни песни“. До крајот на годинава се очекува книгоиздателството „Бата прес“ да го објави и седмиот, последен том на великанот на турската и светската литература Назим Хикмет, под наслов „Зелени јаболка“, во превод од Ајсан Есад.
Промоцијата на седумте тома од избрани дела на Назим Хикмет ќе биде организирана за време на скопскиот саем на книгата 2015 година.
Назим Хикмет (Солун, 20 ноември 1901 – Москва, 3 јуни 1963) се смета за основоположник на современата турска поезија.
– Овој поет и писател со благородничко потекло во текот на целиот свој живот бил приврзан на социјалистичките идеи и поради тоа бил прогонуван и затворан меѓу двете светски војни, а неговите дела биле забранувани во Турција. Голем број негови дела во Турција, во процесот на официјална рехабилитација на неговото творештво се објавени по неговата смрт, соопшти „Бата прес“.