Новиот бран млади креативци на Инкубатор го наполнија Кино Култура

Од:

Громогласен аплауз и преполна сала во Кино Култура го заокружија првиот циклус на Инкубатор програмата за култура под наслов „`Ртулци“ во организација на КЦ Интерарт, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Во саботата вечер на публиката ѝ беа презентирани седум оригинални уметнички дела создадени од дваесет и три млади уметници, кои заедно работеа на мултимедијален перформанс кој прикажа синергија помеѓу танцовата, музичката и визуелната уметност. Финалните продукции кои беа презентирани се резултат на тромесечната работа во работилниците на Инкубатор, каде млади ентузијасти добија сопствен простор за креативна експресија и реализација на своите идеи, под менторство на истакнати македонски уметнички имиња.

По премиерата во Скопје, перформансот ќе има можност да го види и публиката во центрите за култура во Куманово, Кочани, Струмица, Кавадарци, Штип, како и во народниот театар во Велес.
„Исклучително сум задоволна од сѐ она што ни донесе Инкубатор програмата за култура. Многу се радувам на прекрасната презентација во Скопје и со нетрпение ги очекувам гостувањата низ Македонија. Сметам дека од овие работилници младите уметници ќе имаат голем бенефит, бидејќи ова беше можност за нивно уметничко остварување и реализирање на нивните идеи. Тие поминаа низ процес на целосна едукација, создавање на продукција, а сега ќе поминат и низ процес на настапи и патувања. Еден комплетен циклус на обука кој е од непроценливо значење за младите уметнички потенцијали во Македонија”, вели Рисима Рисимкин, ментор и уметнички директор на проектот.

Во тек е вториот отворен повик на кој може да аплицираат сите млади неафирмирани уметници, кои сакаат да се развиваат во една од трите категории – танц, музика и визуелна уметност. Апликациите траат до почетокот на јули. Заинтересираните може да аплицираат и да најдат повеќе информации на www.inkubator.com.mk.

“Среќна сум што сум вечерва тука со вас на презентацијата на првите мултимедијални уметнички парчиња продуцирани во рамките на Културната програма Инкубатор, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Проектот во својата прва фаза, успеа да привлече голем број млади ентузијасти, танчери, кореографи, композитори и визуелни уметници, и да ги спроведе низ процес на едукација, пракса и, конечно, продукција. Бев среќна кога дознав за големиот интерес помеѓу младите за учество во проектот. За нас како донатор тоа е јасен знак дека сме донеле добра одлука да промовираме алатка за поддршка на локалната уметност и култура. Искрено се надеваме дека преку нашата културна програма ќе придонесеме кон создавање една самокритична, општествено одговорна и инклузивна културна и општествена клима. Нашата цел и понатаму е независен, силен и разновиден културен сектор, фокусиран на промоција на професионализам, креативност и слободен уметнички израз. Би сакала да им се заблагодарам на Културниот центар Интерарт за посветената работа на проектот досега и им посакувам многу успех во имплементирањето на преостанатите проектни активности” – изјави амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Н.Е. Сибил Сутер Техада.

Културната програма „Инкубатор“, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, претставува нова платформа за интегрирање на млади креативни поединци во современиот уметнички контекст, овозможувајќи им професионална поддршка, менторство и простор за креативна експресија и реализација на нивните идеи.