Нови сознанија за задгробниот живот во антиката во Преспанскиот Регион

Од:

Археолошкиот музеј информира дека ја реализираше четвртата археолошка истражувачка сезона на хеленистичката некропола „Гимбабица“ кај селото Избишта во Преспа. Оваа некропола е доста значајна за македонската археологија затоа што засега е единствената некропола во Преспанскиот Регион од овој период која се истражува систематски.

Некрополата се наоѓа на зарамнето плато кое се надвишува над модерниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта. Со пробивањето на модерниот пат во 1953 година, случајно се откриени првите наоди од некрополата. По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е. По точно 65 години приказната за оваа некропола повторно беше актуелизирана. Тимот археолози од Археолошкиот музеј предводен од Перо Арџанлиев во 2018 година успеа точно да ја лоцира и хронолошки да ја детерминира некрополата.

Од Архелошкиот музеј посочуваат дека оваа година фокусот на истражувањата беше насочен во добивање повеќе информации за нејзината организација, гробните форми и ритуали и откривање нешто повеќе за животните приказни на луѓето кои тука се погребани.

– Она што произлезе од годинашните истражувања е откритието на нови гробни форми, како и регистрирањето на нов ритуал на погребување. Годинава првпат на некрополата, а со тоа и првпат во регионот беа откриени гробови кои претставуваат правоаголни јами слободно вкопани во здравицата без било каква конструкција, што е нешто ново во споредба со гробните конструкции од претходните истражувачки сезони, каде беа откривани најразлични гробни конструкции изработени од камен и камени плочи. Нова појава која беше забележана на некрополата е погребување на спалени покојници, нешто што првпат се среќава во овој регион во хеленистичкиот период и нешто што не е својствено ниту за соседниот Охридски регион каде се истражувани далеку поголем број некрополи и гробови. Според откриениот движен археолошки материјал овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата втора половина на 4 век пр.н.е. и прва половина на 3 век пр.н.е., се вели во соопштението.

Од Археолошкиот музеј најавуваат дека по теренските истражувања ќе продолжат со кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа со јавно публикување на резултатите. Гимбабица и Преспа, како што се наведува, нудат уште многу години вредна археолошка истражувачка работа.

Раководител на проектот е Перо Арџанлиев, а стручниот тим го сочинуваат археологот Илија Бошковски и Благоја Фузевски. Проектот се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска