Недела на италијанскиот филм-„Бајки“

Од:

Од 15 до 21 мај – по стапките на успехот на претходните изданија – во култната „Кинотека на Република Северна Македонија“ во Скопје ќе се одржи XXIII издание на „Неделата на Италијанскиот Филм“, ревија на италијански филмови, оваа година посветен на темата Бајки, интерпретирана како фантастични приказни кои нè поттикнуваат да размислиме за реалноста. Фестивалот, организиран од Амбасадата на Италија во соработка со Италијанскиот Институт за Култура во Белград и Националната Кинотека на Република Северна Македонија, ќе биде отворен во понеделник, на 15 мај, во 20.00 часот, со проекцијата на филмот Пинокио (2019), последно филмско остварување на режисерот Матео Гароне. Филмот е адаптација на познатиот роман Авантурите на Пинокио – Приказна за една дрвена кукла на Карло Колоди. Пинокио, дрвената кукла која посакува да стане дете, е една од најпознатите и најпретпознатливите универзални икони од детската книжевност, а некои од оригиналните концепти од книгата станаа и дел од светската култура, како на пример визуелната метафора на долгиот нос како симбол за лагата.

Во вторник, на 16 мај, во 20.00 часот ќе се прикажува Среќниот Лазар (2018) на Аличе Рорвахер, добитничка на наградата на Кан за најдобро сценарио, која ја раскажува приказната за еден свет отцепен од реалноста, во кој главниот лик минува низ серија перипетии, меѓу кои и смртта и воскресението.

Во среда, на 17 мај во 20.00 часот, пак, во програма е филмот Мрачни приказни (2020) во режија на браќата Диноченцо и награден на Берлинскиот Фестивал во 2020 година за најдобро сценарио. Дејството се одвива во периферијата на Рим и ги раскажува искуствата на повеќе деца кои ги следат и, за жал, апсорбираат аномалиите на светот на возрасните.

Филмскиот фестивал ќе продолжи во четврток на 18 мај во 20.00 часот со Фамозниот напад на мечките во Сицилија (2019), филмска анимирана адаптација на романот на Дино Буцати од 1945 година, илустриран од познатиот уметник и автор на стрипови Лоренцо Матоти, кој претставува извонредно вкрстување помеѓу популарниот и авторски стрип, меѓу бајка и поезија, невиност и свест. Во петок на 19 мај во 20.00 часот ќе биде прикажана култната италијанска комедија: Ни преостанува да плачеме. Во режија и главни улоги ќе ги видиме незаборавниот наполетански глумец Масимо Троизи и тосканецот Роберто Бенињи. Филмот го доловува во целост комичниот дух на приказната во која еден учител и еден училишен домаќин се наоѓаат на случаен пат низ минатото и тоа во ерата на Ренесансата. Двајцата ќе доживеат уникатни авантури, како средбата со Леонардо Да Винчи или обидот да го спречат Кристофер Колумбо да ја открие Америка.

Во сабота на 20 мај во 20.00 часот ќе се прикажува Љубов и џган (2017), комедија и мјузикл, во режија на браќата Манети, чие дејство се одвива во Неапол. Филмот, кој освои бројни награди, меѓу кои наградата „Пазинети“ за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција, е успешен и забавен микс на гангстерски филм со примеси на романтична комедија.

Најпосле, во недела на 21 мај во 20.00 часот фестивалот ќе се затвори со филмот Freaks Out (2021), последно остварување на режисерот Габриеле Маинети. Неговото дејство се случува во еден алтернативен Рим, во полн ек на втората светска војна, и ги следи животите на четворица “фрикови“ кои имаат супермоќи, работат во циркус, менаџиран од Евреин, и се обидуваат да ги избегнат контролите на нацистите.

Истата вечер Амбасадорот на Италија Андреа Силвестри ќе додели награди на победниците на натпреварот за превод на содржини поврзани со Италија на веб страницата на Википедија на македонски јазик (Во фокусот: Италија), организиран во соработка со здружението ГЛАМ и Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик, а влезот на проекциите ќе биде бесплатен.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето