„Народните носии низ објективот на Тошо Дабац“ – фотоизложба од Хрватска

Од:

Во Центарот за култура-Битола вечер ќе биде отворена изложба со 32 избрани фотографии на народни носии од Тошо Дабац (1907-1970), еден од најистакнатите фотографи од Загреб.

Изложените се од групата фолклорни фотографии кои прикажуваат мотиви од народните носии од повеќе краишта во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Македонија, информира Центарот за култура-Битола.

-При изборот сакавме да ги прикажеме оние фотографии кои не биле често репродуцирани и кои им се помалку познати на стручњаците и љубителите на народните носии. Сепак, не можевме да одолееме да не ги изложиме и попознатите фотографии како што се „Македонец“ и „Жената од Гарешница“, која на изложбата е прикажана во поинаква светлина. Изложената студиска фотографија го прикажува чинот на настанувањето на често публикуваната фотографија „Жената од Гарешница“. Ова упатува на фактот дека Дабац често бил ангажиран за фотографирање носии за разни публикации и фолклорни настани и дека на тие фотографии деталите на народните носии биле внимателно избрани, посочува битолскиот Центар за култура.

Јавноста во Битола вечер ќе може да види фотографии кои ги прикажуваат машките и женските свечени народни носии, работните и секојдневните носии, детските носии и фолклорните костуми.

Организаторот наведува дека идејата била да се прикаже разновидноста на мотивите на традиционалното текстилно ракотворство и облека и да ја истакне улогата на фотографијата при истражување и реконструкција на народните носии. Со тоа фотографиите, покрај уметничка, имаат и документарна вредност.

Изложбата ја дополнуваат оригинални делови на народните носии од збирката на работилницата за изработка и позајмица на народни носии, кои се тематски поврзани со изложените фотографии.

Тошо Дабац е автор на голем број културно-историски и уметнички монографии. Бил член на бројни стручни здруженија, како што се Американското фотографско друштво, Меѓународната организација на фотографи и почесен член на Кралското фотографско друштво во Белгија.

Би можело да ве интересира

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

Отворање на изложба на скулптури „Зодијак” на Митко Дамјановски

Изложба на Ване Костуранов – „Таен премин кон Месечината“

Архитектонска изложба „Скопје на новата генерација“