Најубавото од фолклорот од С. Македонија и Хрватска вечерва на Античкиот театар со концертот на „Танец“ и „Ладо“

Од:

„Танец и Ладо под звездите“ е вечерашниот пособен настан што се одржува во офф-програмата на „Охридско лето“, со целовечерен концерт на националните фолклорни ансамбли на С. Македонија и на Хрватска на големата сцена на Античкиот театар.

„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Република Северна Македонија, кој е формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. „Танец“ е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави – без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство. „Танец“ ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 72 години од своето постоење, Ансамблот има учествувано на повеќе од 5000 концерти и фестивали, пред преполни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн … Ансамблот не препознава ниту граници, ниту растојанија. Се чувствува како дома насекаде и вратите му се широко отворени каде и да оди.

Ансамблот „Танец“ поседува уникатна збирка оригинални традиционални носии со исклучителна вредност и убавина, од различни региони во земјата (повеќе од 2000 автентични носии), така што секој концерт на Ансамблот обезбедува единствено аудио-визуелно искуство на публиката ширум светот. Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува богатите разновидни регионални музички и кореографски традиции и стилови на богатиот македонски фолклор.

Сите вработени во „Танец“, како индивидуи и како тим, се почитувани низ целиот свет и ги уживаат пофалбите и посебната репутација за нивниот професионален пристап и автентичност на репертоарот. Ансамблот брои 40 извонредни игроорци, 20 неверојатни пејачи и 20 одлични инструменталисти, кои лесно можат да се комбинираат во различни формации. Ансамблот има добиено многу награди и признанија, како Гранд при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија, потоа „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.

Хрватскиот ансамбл за народни игри и песни „Ладо“ е национален професионален фолклорен ансамбл основан во 1949 година, со задача и цел да ги истражува, собира, уметнички да ги обработува и сценски да ги претставува најубавите примери од богатата хрватска музичка и танцова традиција.

Преку својата работа, „Ладо“ ги обединува најпознатите хрватски етнокореолози и кореографи, етномузиколози, музички аранжери и фолклористи, но и композитори и диригенти, инспирирани

од народната музика. Сето ова резултира со импресивен кореографски и музички репертоар, со повеќе од сто кореографии и стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални нумери, во кои е пред сѐ испочитувана оригиналната, автентична народна уметност.

Групата од 38 врвни игроорци, истовремено и извонредни пејачи, лесно се трансформира од танцов ансамбл во репрезентативен фолклорен хор, а 14-те одлични музичари свират на околу осумдесет традиционални и класични инструменти. Ансамблот „Ладо“ има уникатна збирка на оригинални народни носии со исклучителна вредност и убавина, така што секоја концертна изведба на ансамблот е исто така и еден вид на модна ревија на оригинална хрватска традиционална облека.

За својата работа и заслугите во промовирањето на националното наследство, „Ладо“ има добиено многу награди и признанија, како и Повелбата на претседателот на Република Хрватска за 60 години уметничка дејност.

Почетокот на концертот е од 22 часот.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор