На програмата на „Охридско лето“ концерт на виончелистот Кирил Родин и пијанистката Жени Захариева

Од:

Десеттиот ден од фестивалската програма на „Охридско лето“ нуди уште едно музичко доживување, со концертот на рускиот виончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева.

Кирил Родин е роден во Москва, учи во музичката школа „Гнесин“ по што следат студиите на Московскиот конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја. Во 1984 и 1986 година е добитник на први награди и златни медали на натпреварите на Музичка младина во Белград и на Осмиот меѓународен натпревар „П. И. Чајковски“. Неговата кариера како солист ја гради со настапи со врвни светски оркестри и диригенти Гергиев, Федосеев, Дутоа, Горенштајн, Овчиноков и многу други, а настапува во повеќе од 40 земји во светот. Како камерен музичар е член на триото „Брамс“ и на ансамблот „Пјацола студио“. Неговите бројни снимени материјали вклучуваат дела од Бах, Бетовен, Хајдн, Григ, Паганини како и од руските композитори – Рахмањинов, Аренски, Римски-Корсаков, Шостакович и многу други. Кирил Родин е член на жири-комисии на интернационални натпревари во Русија и ширум светот, а напоредно со солистичката кариера е и професор на конзерваториумот „П. И. Чајковски“ и редовен гостин-професор на Конзерваториумот во Пекинг.

Пијанистката Жени Захариева е присутна на светските концертни сцени повеќе од 60 години. Кариерата ја води во бројни концертни сали во Европа, САД, Азија и Африка, а за нејзините уметнички достигнувања и придонес кон културата носител е на голем број исклучителни признанија како „Кристална лира“ за врвни уметнички достигнувања, Државната награда на Р. Бугарија доделена за заслуги кон нацијата и државата, наградата „Златен век“ за придонес во бугарската музика и култура, највисокиот француски орден доделен за достигнувања во културата и уметноста, како и признанија од Јапонија и други земји. Настапува со голем број светски оркестри и диригенти меѓу кои: оркестрите во Хаг, Амстердам, Лиеж, Москва, Сингапур, Софија и многу други под диригентската палка на Вероника Дударова, Томас Зандерлинг, Инго Мецмахер и бројни други бугарски и странски уметници. Нејзините изведби се снимени на повеќе носачи на звук за компаниите “Carousel” – Лондон, „EMS“ – Брисел, „AVM Classics“ – Лондон, „Veton“ – Ротердам, „Gema“ – Берлин, „Heritage Society“ – САД и „Балкантон“ – Софија.

За концертот со почеток од 21 часот е резервирана сцената во катедралната црква „Света Софија“.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор