На 10. „Македокс“ доделени награди во пет категории

Од:

На 10. „Македокс“ се доделени награди во пет категории, и тоа: „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм од нов автор, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, „Кокарче“ за најдобар филм од Студентската програма и Наградата за филм со најдобри етички идеи. За наградите одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.

1. Награда „Кромид“ – за најдобар филм во главната програма

Жири: Ен Жоржете, Инеке Смитс, Виктор Еде
„Соло“ (Чешка, Франција, Аргентина,Австрија/ 2019/ 84мин. ) – Артемио Бенки

Овој филм, кој е предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно. Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ни ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето кои ги обележуваме како „луди“.

Специјално признание во оваа категорија доби документарецот „Град на мртовци“ (Шпанија/ 2019/ 55 мин.) на режисерот Мигел Ек. Филмот ги прикажува различните лица на смртта преку една група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нуди едно алтернативно гледиште на т.н. „херој на мисија“ – наратив што е присутен во многу современи документарци.

2. Награда „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор

жири: Винсент Дјутр, Виола Штефан, Ѓорче Ставрески

Жирито за наградата „Млад Кромид“ на 10. издание на фестивалот „Македокс“ го истакна високиот квалитет и разноликоста во селектираните филмови од оваа категорија. „Тоа го отежна, но и разигра нашето одлучување. Затоа, би сакале да му се заблагодариме на целиот тим на ’Македокс‘ за овие прекрасни мигови на филмско уживање во Скопје. Како исклучок, одлучивме да доделиме две награди“, потенцираа од жирито.

„Медена земја“ (Македонија/ 2019/ 85 мин.) – Љубомир Стефанов, Тамара Котевска

Поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап, решивме да ја доделиме наградата на восхитувачкиот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска.

„Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) – Рета Хухтанен

Наградата е доделена поради остроумноста во снимателскиот избор, начинот на кој филмот ни дозволува да ги согледаме големите проблеми во современа Европа низ детските очи, без тронка иронија или лажна дистанца, поради елеганцијата во филмските слики и нежниот, внимателен пристап на режисерката при соочување со прашањата кои ги засегаат религиските заедници и глобализацијата.

3. Награда „Сечкан кромид“ – за најдобар краток филм

жири: Ондреј Каменицки, Мартин Иванов, Анка Паунеску

„Нашата песна за војната“ (Белгија, Колумбија/ 2018/ 15 мин.) – Хуаните Родригез Онзага

Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм ја доби „Нашата песна за војната“ – неповторливо филмско искуство во кое животот и смртта се среќаваат во еден волшебен миг на помирување.

4. Награда „Кокарче“ – за најдобар студентски филм

жири: Јасмин Башиќ, Мартина Валентина Баумгартнер, Илеана Станкулеску

„Ѕверот – воз со непознати“ (Германија/ 2019/ 24 мин.) – Мануел Инакер

Ова не е уште еден обичен филм за миграција. Ова е силен филмски указ што прикажува длабока општествена и политичка посветеност со искрена почит кон протагонистите – млади луѓе со голема надеж.

Специјално признание за филм од студентската програма доби „Слушај, брат!“ (Русија/ 2018/ 72 мин.) на Александар Елкан. Формата на овој филм восхитувачки ја отелотворува содржината на приказната. Режисерот ѝ го прикажува сопственото огромно искуство на публиката, зграпчувајќи нѐ со ритам и енергија.

5. Награда за филм со најдобри етички идеи

жири: Виван Сторлунд, Ристо Солунчев, Џон Периш

„Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) – Рета Хухтанен

Размислувајќи за етичките идеи во филмовите, сакавме да ја земеме предвид врската меѓу творецот на филмот и протагонистите. Во филмот „Боговите на Моленбек“, децата никогаш не беа безобѕирно следени или набљудувани од камерата. Сѐ е снимено од нивното лично гледиште – технички преку задржување на камерата на нивото на очите на децата и емоционално преку нивелирање на приоритетите на самите деца во филмот. Младите протагонисти од различно културно милје можеа слободно да си играат и да се тркалаат додека, во исто време, меѓусебно си ги истражуваа филозофиите и верувањата без предрасуди. А ние имавме прилика да ги споделиме нивните младешки оптимизам и отвореност – образложи жирито за Наградата за филм со најдобри етички идеи.

Би можело да ве интересира

Почна фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Видеохроникa од патувачкото кино во Преспа

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска