Музичка вечер со Гудачкиот квинтет на Загребската филхармонија на „Охридско лето“

Од:

Прекрасната акустика што ја нуди сцената на катедралната црква „Света Софија“ за 15 ден од Фестивалот „Охридско лето“ е местото каде вечер ќе настапува гудачкиот квинтет на Филхармонијата од Загреб.

Изминатата пандемиска година, кога бројни музичари беа спречени да концертираат, група членови на Загрепската филхармонија, запазувајќи ги сите мерки на заштита се собираат и одржуваат проби за да не дозволат да „престане“ музиката. Петте членови на ансамблот кои имаат долгогодишно искуство во камерното музицирање, прв пат заеднички започнуваат да „комуницираат“ во ваков состав, донесувајќи ѝ на публиката, а и на самите ним, малку утеха преку универзалниот јазик на музиката. Иако постојат краток временски период, поради нивните индивидуални музички квалитети што ги обединуваат во исклучително заедничко музицирање, тие многу бргу ги освојуваат симпатиите на музичката јавност.

За настапот на Гудачкиот квинтет на ЗГФ на фестивалот „Охридско лето“ како прва виолина ќе гостува концерт-мајсторот на Македонската филхармонија Владимир Костов.

Владимир Костов е солист, камерен музичар и професор на ФМУ-Скопје. Покрај настапите во оркестар, Костов е солист со неговиот матичен оркестар и Камерниот оркестар на МФ, во неколку наврати свири во Светскиот оркестар на Музичка младина, а основач е и член на повеќе камерни ансамбли како: „АЛЕА“, „Бахус“, „В.А.М“, „Бревис“ и „Кон Темпора“. Костов е голем поддржувач на младите таленти и е творец и раководител на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“.

Дуња Бонтек е заменик концерт-мајстор на Загрепската филхармонија и соработник и член на повеќе значајни хрватски ансамбли: Вараждинскиот камерен оркестар, Хрватскиот барокен оркестар, Задарскиот камерен оркестар и оркестарот Загрепски солисти. Покрај тоа членува и во Камерниот оркестар „Метрополитен“ во Виена. Била заменик водач во Симфонискиот оркестар ХРТ, настапува како солист во повеќе оркестри и била прогласена за најперспективен млад уметник во Хрватска.

Илин-Диме Димовски е македонски контрабасист со интернационална кариера кој скоро една деценија делува во оркестарот на Загрепската филхармонија. Образованието го стекнува во престижни музички центри во Велика Британија (Школа за музика „Гилхол“) и во Трст каде дипломира и магистрира. Во Загреб соработува со Загрепските солисти и Хрватскиот камерен оркестар, а тутор и водач на проектот е на Летниот музички камп за контрабас во Грожњан. Основач е на неколку камерни ансамбли во кои членуваат реномирани хрватски, македонски и интернационални музичари.

Александар Иванов, најмладиот добитник на наградата Виртуози во категоријата Млад музички уметник за 2015 година е роден во едно од најстарите музички семејства во С. Македонија. Во моментот тој е студент на престижната школа за музика „Џулијард“ во Њујорк, САД во класата на проф. Лори Смаклер.

Покрај големиот број државни награди, Александар е добитник и на значајни меѓународни награди како Лауреат на виолинскиот конкурс во Санкт Петербург, Прва и специјална награда од Дунавскиот симфониски оркестар, Будимпешта и многу други.

Бележи солистички настапи со Македонската филхармонија, оркестарот на Музичка младина на Македонија, Дунавскиот симфониски оркестар, Класик ФМ радио оркестарот и др. Настапувал со диригентите: Борјан Цанев, Марин Алсоп, Андраш Дек, Веско Пантелеев – Ешкенази, Џошуа Гирсен, Марк Расел Смит, Пол Брајан.

Иванов постојано е присутен на македонската музичка сцена, но и надвор од неа. Во Виена има голем број солистички и камерни настапи. Настапувал на Европскиот музички фестивал во Софија, Виолин фест и Златна лира во Скопје, Curtis Summerfest, Philadelphia, а на отворањето на фестивалот Денови на македонската музика 2018 год. му се укажува честа премиерно да го изведе виолинскиот концерт на неговиот постар брат, композиторот Филип Иванов.

Александар Јакопанец, на виола е дипломец на Музичката академија во Загреб кој се усовршува и на Музичката школа на Универзитетот Колумбус во САД. Покрај работниот ангажман во Загребската филхармонија, тој е водач на секцијата виоли во оркестарот „No borders“, а коосновач е на Хрватскиот гудачки квартет. Делува како постојан член на „Загребските солисти“, Вараждинскиот камерен оркестар и Хрватскиот барокен ансамбл. Свири и барокна виола што му овозможува и истражување на барокниот репертоар. Како камерен уметник и солист настапува на бројни фестивали и манифестации, а уметнички раководител е на фестивалот „АмадеусФест“ во Бјеловар.

Почетокот на концертот е предвиден во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор