Meѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ од 20 до 27 август

Од:

Македонски ликовни уметници, како и од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора и Грција ќе учествуваат на 17. Меѓународна колонија „Де Ниро“-Битола која ќе се одржува од 20 до 27 август во Културниот центар на Меѓународна колонија „Де Ниро“ во село Цапари, како и на различни локации низ Битола.

Ликовниот уметник Мирослав Масин оваа година на колонијата ќе почне со работа на мозаик, кој ќе биде прво вакво уметничко дело во неговиот богат и разновиден опус. Мозаикот ќе има површина од 100 квадратни метри и ќе биде поставен во Културниот центар на колонијата „Де Ниро“ во Цапари.

Во разновидната програма ќе има и други настани „Ден на уметноста“ во чест на Благоја Стефановски-Баге во село Ротино, изложба на Панде Петровски од циклусот „Хераклеа“, соло перформансот на Бранислав Николов – заеднички проект на ОХО-продукција и Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“. Проектот е најава на „Игнатиа фестивал“ посветен на античкиот пат Виа Игнација, кој е во план да се организира од идната 2022 година.

На затворањето на колонијата „Де Ниро“ на 27 август ќе биде отворена изложбата „Азбука“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, посветена на Блаже Конески. Изложбата е циклус од 31 слика – за секоја буква од македонската азбука и има своја приказна.

– Изложбата ја нареков „Азбука“ со цел да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван, но и поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашата современа азбука Блаже Конески, во годината кога се одбележуваат 100 години од неговото раѓање, изјави уметникот Андреевски.

Во офф-програмата на 17. Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ ќе бидат и музичките перформанси на Зарина Првасевда, Јасна & friends, како и настап на КУД „Илинден“ Битола кои ќе изведат фрагмент од богатиот репертоар на градски игри.

Драги Филевски, организатор на колонијата „Де Ниро“, вели дека за него е големо задоволство и истовремено огромна одговорност да се одржи традицијата која трае 17 години.

Во изминатите 17 години на колонијата учествувале околу 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и светот кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година од колонијата треба да произлезе јубилејното – 500-тото уметничко дело.

– Континуитетот на колонијата успеваме да го задржиме иако веќе втора година по ред сме во здравствена криза предизвикана од Ковид-19. Оваа година придружната програма на колонијата започнува со меморијалната изложба на ликовни дела од Миливоје Новаковиќ-Кањош, врвен ликовен уметник и прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро”, кој, за жал, во 2020 го напушти земскиот свет, но преку неговите извонредни дела ќе биде дел од Колонијата и тие ќе говорат за него, изјави Филевски.

Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ оваа година е збратимена со Меѓународното графичко триенале Битола, кое има богата традиција и континуитет од 1994 година. Според организаторите, тоа ќе биде значајно за натамошниот раст и развој и на двете манифестации.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска