Меѓународна финансиска поддршка за обнова на Хераклеа во Битола

Од:

НУ Завод и Музеј – Битола ќе изврши голема реконструкција и обнова на локалитетот Хераклеа, кој годишно го посетуваат и над 30.000 посетители.

Според директорката на оваа национална установа, Мери Стојанова, со учество во проектот „Smart cool tour“, за локалитетот Хераклеа е обезбедена досега најголемата меѓународна финансиска поддршка.

– Проектот го реализираме во партнерство со Општина Битола, МКЦ-Битола, Општина Пустец и регионален Директорат за културно наследство од Корча, Албанија. Во нашиот град најголем дел од активностите се сконцентрирани во локалитетот Хераклеа каде ќе се изврши осовременување на сувенирницата, поставување систем за контрола при влез и излез на посетители, осовременување на пристапната патека од влезот во локалитетот се до театарот, а тоа значи реконструкција на скалите, поставување огради и ракофати. За искачување до театарот ќе има и лифт кој ќе го користат инвалиди и лица со попреченост, но и рампа за пристапување до театарот со инвалидска количка. Во театарот ќе бидат отстранети подните плочи кои се неавтентични и ќе бидат поставени практикабли со универзална употреба, односно за различни културни настани, истакна директорката Стојанова.

Со проектот, кој ќе заврши на крајот од идната година, планирани се и други функционални зафати во античкиот локалитет Хераклеа Линкестис кои обезбедуваат креативни новини во работата на НУ Завод и Музеј – Битола.

– Во рамки на проектот ќе се реконзервира видиковецот кој ќе може да го користат и лица инвалиди и од каде непречено ќе може да се гледа цел локалитет односно панорамски поглед на Хераклеа. Ќе се редизајнира и музејот со музејската поставка во Хераклеа, со тоа што на еден кат ќе има проактивен простор со видео проектор и услови за работа во групи, предавања, презентации…исто така ќе биде изработен аудио-водич на седум странски јазици кој ќе овозможува на секој посетител од странство да биде информиран за Хераклеа Линкестис, посочи Стојанова.

Општина Битола, како водечки партнер во проектот, ќе изврши реконструкција на пристапен пат од страната на индустрискиот дел на градот до Хераклеа и тој ќе биде современ со пешачка патека, соларно осветлување, широк и безбеден за автомобили и автобуси.

Проектот е поддржан во рамки на Вториот повик од ИПА-2, програмата за прекугранична соработка 2014-2020 меѓу Северна Македонија и Албанија и вкупниот буџет на проектот изнесува 704.590 евра.

Проектните активности кои ќе се одвиваат во Албанија вклучуваат реконструкција на старото училиште во с. Глобочани, во кое учел Стерјо Спасе, еден од најпознатите македонски писатели, воедно и еден од најреномираните писатели во Албанија по Втората светска војна. Нашите партнери од Албанија планираат и адаптација на нов културен и етнолошки простор во наведениот простор во општината Пустец, посочи Стојанова.

Би можело да ве интересира

Популаризација на архео паркот Бразда

Ана Ололовска

Пронајден голем викиншки брод во кој можеби бил закопан крал

Ана Ололовска

Нов монолит се појави во Калифорнија

Ана Ололовска

Вредна бронзена коњска глава вратена во Пекинг после 160 години

Ана Ололовска

Откриени и мапирани нови археолошки локалитети и поединечни наоди на источниот брег од Охридското Езеро

Ана Ололовска

Градскиот музеј Крива Паланка ги заврши годинашните ископувања на локалитетот Градиште

Ана Ололовска