Македонскиот филм „Стела“ вечерва премиерно на Cinedays

Од:

Премиерата на македонскиот филм „Стела“ од Стојан Вујичиќ кој ќе биде прикажан вечерва во Градскиот парк и со која се отвора 19. издание на Фестивалот на Европски филм – CINEDAYS, е распродадена, информираат организаторите на фестивалот.

Од вечерва до 24 септември на девет локации низ Скопје: Градски парк, Паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела Вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на Градскиот трговски центар (ГТЦ), ќе се прикажат 40 филмови во Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, СЕЕ програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синЕмјзуик.

Во паркот кај МКЦ во 21 часот ќе биде прикажан музичкиот документарен филм „Лиам Галагер“ во режија на Гејвин Фицџералд. Филмот зборува за славниот англиски музичар и фронтмен на Оејзис, Лиам Галагер, и за неговото патешествие да направи соло-камбек на музичката сцена со деби-албумот „As You Were“, неколку години по напуштањето на рок-бендот во 2009 година. Ова е емотивна приказна како Галагер стига од вртоглавите височини за време на златните години во Оејзис, до живот на работ, губејќи се во музичката дивина на здодевност, алкохол и горчливи правни битки.

Вечерва во 23 часот после документарниот филм за Лиам, во паркот на МКЦ, составот на Љубојна ќе се претстави со музиката направена за филмот „Стела“ на Вујичиќ. Љубојна, кој најавтентично го пренесува пулсот на македонскиот мелос, го темели творештвото не само на сопственото слегување до „изворот“, туку и длабоко навлегува во она што се нарекува современ звук, македонската музика од 21 век со сета нејзина страст и енергичност.

Организаторите информираат дека фестивалот ќе биде реализиран со строго почитување на Протоколот за организација на настани кој беше усвоен на 73. Седница на Владата на РСМ, на сите фестивалски локации.

Бројот на посетители е ограничен, билетите се достапни online преку bileti.mkc.mk како и на самите локации.

Би можело да ве интересира

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Со премиерата на филмот „М“ отворен 22. CINEDAYS

Заврши 21 издание на „Синедејс“

Ана Ололовска

Вечерва проекцијата на филмот „Нема да си сама“

Филмот „Мими“ вечерва го отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Горан Наумовски

Премиера на филмот „Синиот час“ на 13-ти јули во МКЦ парк кино

Ана Ололовска