Македонски продуценти: Не сме криминалци!

Од:

Револтирани што Филмскиот фонд, или по ново, Агенција за филм, не ги прикажал правилно нивните финансиски извештаи, што резултирало со извештај на Државниот завод за ревизија во кој има сериозни сомнежи за перење пари и незаконско работење, филмските продуценти Роберт Насков, Лабина Митевска, Горјан Тозија, Роберт Јазаџиски и Владимир Атанасов тврдат дека е нанесена огромна штета на македонската кинематографија.

Отсуство на систем кој ќе обезбеди објективност во изборот на филмски проекти за финансирање, исплати врз основа на бланко сметкопотврди или фисклани сметки со нејасна содржина, набавки на стоки кои продуценските куќи не ги користеле при снимањето на филмскиот проект – ова се само дел од наодите на Државниот ревизор за буџетот на Филмскиот фонд на Македонија.

Роберт Насков кој е и претседател на Друштвото на филмските професионалци презентираше договор, според кој, за парите од државниот буџет, приватните продуцентски куќи одговараат пред Агенцијата, поранешниот Филмски фонд

. – Ставени сме сега во позиција која не ја заслужуваме, јавноста не’ гледа како да сме криминалци.Наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија не соодветствуваат со вистината и не ја прикажуваат вистинската состојба на работите. ДЗР не е стручен да ја ревидира нашата работа. Без да бидат консултирани продуцентите да дадат документи, се прикажува лоша слика.Недозволиво е јавно да се изнесуваат деловни тајни за договори помеѓу приватни продуцентски куќи и странски партенри, вели Насков.

Во извештајот на Државниот завод за ревизија меѓу другото стои:

„Од извршениот увид во документацијата која ни беше приложена констатиравме дека од страна на продуцентската куќа по овој основ е исплатен износ во висина од 70.000 евра на сметки на актерката и дополнителни 50.000 евра на сметка на фирма во Кралството Шпанија, за кои одговорните лица од ФФРМ од продуцентската куќа добиле објаснување дека станува збор за исплати за главната актерка во филмот, иако оваа фирма не може да се доведе во непосредна врска со ова лице. Поради наведеното не добивме уверување дека значаен дел од средствата исплатени за овој филм се наменски и законски потрошени“.

Лабина Митевска откри дека овој дел се однесува на актерката Викторија Абрил.

– Зарем мислите дека ако е направена некаква малверзација би ни биле отворени вратите на европските фондови? Филмот „Жената што ги избриша своите солзи“ е финасиран од 6 европски фондови и проектот досега има поминато 6 ревизии, еден од најдеталните е на Европскиот филмски фонд Еуроимаж, од кој последната рата беше исплатена на почетокот на 2013 година. Нивната ревизија не пропушта ниту 20 центи да ви фалат. Ревизија на овој проект правеше и угледната ревизорска куќа „Делоид“, ревизии ни правеа и Германците и Белгијанците, Еуроимаж те враќа ако 20 центи не ти се поклопуваат и сите тие не најдоа неправилности во работењето, а ги гледаа истите документи, ние сме за ревизија, но не не’ правете криминалци, рече Митевска

Таа тврди дека никој не ја повикал да направи преводи на документите, ниту пак да достави сметки.

– Во шок сум што не сме повикани да ги кажеме инфорациите онакви какви што се. Никој не ме викна да донесам документи и сметки Зарем мислите дека Викторија Абрил. актерка со стотина награди би ризикувала да ја изгуби својата кариера за да прави криминални дејствија со некаква продукција од Македонија?, вели Митевска.

Митевска сега стравува од тужба од адвокатите на Абрил за откривањето на деловната тајна во договорот за хонорарот.

Според продуцентите, задача токму на Филмскиот фонд е на ДЗР да ги објасни филмските проекти.

Државниот завод за ревизија нема стручни лица за филмска дејност, но Фондот е тој што треба да има стручни лица, а да видиме дали таму има стручни лица, рече Горјан Тозија.

Според него токму директорот на поранешниот Филмски фонд а сега Агенција за филм, Дарко Башески треба да одговара за оваа штета што им е нанесена на продуцентските куќи.

– Филмот не може да се третира како некое гранапче или бутик, туку во Фондот мора да има стручни лица, се’ додека тоа не е така, Фондот ќе биде од штета на македонскиот филм. Сега, Фондот својот неуспех го префрла на продуцентите, а за 2012 година не дал извештај до Владата. Зошто ништо нема за службените патувања на директорот Башески, кој три пати ја сврте планетава и кои се неговите резултати, рече Тозија.

Продуцентите нагласија дека во Агенцијата за филм нема ниту еден вработен што ја знае продуцентската работа.

Инаку, Дарко Башески ги потпиша и договорите со дистирубутери кои проневерија пари од Европскиот филмски фонд „Еуроимаж“, заради што македонски дистрибутери не можат да конкурираат за средства во овој фонд.Тогаш, министерката за култура Канческа Милевска не побара одговорност од Башески.

А.Б.