„Лирска вечер“ на „Охридско лето“ со македонски солисти

Од:

Во рамки на музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ за вечерва е предвидена „Лирска вечер“ со домашните уметници, сопраните Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, како и бас-баритонот Иван Наумовски.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Милена Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите: „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Дебито во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година со настап во оперетата „Лилјакот“ и „Суор Анџелика” а понатаму настапува во театрите во Магдебург, Националниот театар во Вајмар, Националната опера во Прага и Острава, како и на повеќе реномирани фестивали. Арсовска редовно настапува на концертните сцени во Виена, а концертните турнеи ја водат низ Европа, Јапонија, Кина и САД. Нејзините снимени изданија ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Македонскиот сопран Гонца Богоромова Краповски своето професионално деби го остварува во 2006 година со Македонската филхармонија, по што, како солист и камерен музичар продолжува со концертната активност во земјата и странство. Соработува со еминентни музички ансамбли и уметници: оркестарот на Пловдивската државна опера, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Минхенскиот камерен оркестар. Соработката со македонските композитори ги донесува на сцена премиерните изведби на композициите „Песни за љубовта и смртта“ од Панде Шахов, циклусот песни „Надеж“ од Дамјан Темков и „Смртта е син прозорец отворен кон денот“ од Бојана Петровиќ-Алексова која е и посветена на Богоромова. На македонската оперска сцена дебитира со улогата на Церлина во Mоцартовата „Don Giovanni“, а на меѓународната оперската сцена дебитира со улогата на Магда во операта „La Rondine“ на Пучини, на покана на Државната опера од Стара Загора, Бугарија. Своето меѓународно концертно деби го остварува со „Wien Klang Sinfonietta“ од Виена на концертна турнеја во Кина.

Македонскиот бас-баритон Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по соло пеење со највисоки оценки на ФМУ во Скопје, во класата на проф. м-р Марија Муратовска, а магистрира на Универзитетите во Грац и Виена. Како студент е освојувач на три балкански натпревари во: Македонија, Црна Гора и Косово. Иван бележи многубројни настапи во земјава со оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија, и на рецитали во различни градови како што се: „Скопско лето”, „Денови на македонската музика”, „Интерфест” и „Есенски музички свечености”. Низ неговата соло кариера, Иван бележи настапи во: Норвешка, Австрија, Хрватска, Германија, Чешка и др. Во 2015-та ја добива престижната македонска награда „Виртуози” во категоријата „млад уметник”, а во 2016 дебитира во МОБ на отворањето на „Мајските оперски вечери” со главната улога во истоимената опера „Евгениј Онегин”. Скорешните ангажмани ги вклучуваат улогата на Дон Фернандо во концертна изведба на „Фиделио“, и како солист во бетовеновата Деветта симфонија. Во 2020-та настапува со Симон Трпчески на сцената во Македонската филхармонија на фестивалот ДММ, и се наоѓа во финалето на натпреварот во Инсбрук, Австрија.

Концертот ќе се одржи под диригентска палка на маестро Паскал Галоа, чија уметничката кариера вклучува повеќе активности. Покрај исклучително плодна активност како енигматичен и енергичен виртуоз-фаготист и познат педагог, во последно време се афирмира и како успешен диригент но и особено креативен уметнички директор. Како еден од најпризнатите мајстори на фаготот, Галоа го инспирираше италијанскиот композитор Лучано Берио да ја напише и да му ја посвети Секвенцата XII (1995), дел од легендарната серија со која значително се прошируваат хоризонтите на инструменталните техники и експресивниот дијапазон на инструментите кои Берио ги одбра за овој циклус. Во листата на истакнати композитори кои создале дела специјално за Галоа се и Пјер Булез со неговиот „Дијалог на двојната сенка“(2007) и Волфганг Рим, чија композиција „Псалм“ за фагот и оркестар е премиерно изведена од Галоа и оркестарот на Баварската државна опера под водство на Кент Нагано.

Во значајните „музички моменти” што ги иницираше Галоа се вбројуваат и концертите во чест на 85-тиот роденден на Пјер Булез, осмислени од Галоа како уметнички директор, со учество на швајцарскиот кларинетист Јорг Видман во парискиот Музеј на уметности и занаети. По поводот на 95-тиот роденден на Анри Дитије, Галоа организира музичко одбележување во Палатата Лозон во Париз.

Галоа има реализирано бројни снимки како солист, камерен музичар и диригент, со исклучителен ентузијазам за нова музика, вклучувајќи дела од Булез до Куртаг; од Берио до Нојвирт. Етаблиран веќе подолго време како активен протагонист на париската музичка сцена, во 2015 година го создава фестивалот Музикал де Киброн во Бретања, како оригинална форма на испреплетување на традиционалното и современото творештво. Активно работи како диригент со голем број ансамбли и оркестри, вклучувајќи ги и Оркестарот на Бретања, Интернационалниот ансамбл за нова музика во Њујорк, ансамблот „Праг-Модерн“ и ансамблот „Меитар“ во Израел.

Концертот е во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор