Лидија Димковска со романот „Резервен живот“, добитник на наградата за литература на ЕУ

Од:

На прес конференцијата во ЕУ Инфо центарот во Скопје беше објавен лауреатот на наградата за литература на ЕУ од Македонија, официјално соопштен утринава во 11 часот на Саемот на книга во Гетеборг. Се работи за писателката Лидија Димковска со нејзиниот роман „Резервен живот” во издание на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ од Скопје.

Со тоа наградата за литература на ЕУ се доделува на автор од Македонија по втор пат, по онаа која во 2010 година ја доби Гоце Смилевски за романот “Сестрата на Зигмунд Фројд”. Доделувањето на наградите на 12-те европски лауреати, меѓу кои е и Димковска, ќе се случи за точно два месеци, на 26 ноември, на свеченоста која ќе биде организирана во Брисел.

На конференцијата за новинарите беше воспоставена видео-врска со Лидија Димковска, која живее во Љубљана. Таа изјави дека ова е голема чест за неа и за македонската литература, и дека претставува реално поместување на границите на она што се твори во Македонија нанадвор, кон читателите во Европа и светот, кои по преведувањето на книгата на различни јазици ќе имаат можност да се запознаат со темите со кои се занимаваат и за кои пишуваат македонските писатели.

Инаку, наградата за литература на ЕУ е востановена во 2009 година. Таа се доделува годишно, на писатели од 12 земји кои се дел од Програмата за култура на ЕУ, по принцип на ротација. Оваа година, наградата ја добиваат писатели од следниве земји: Белгија, Босна и Херцеговина, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Германија, Луксембург, Романија, Словенија, Шпанија и Македонија.

Целта на Европската награда за литература е во центарот на вниманието да се стави креативноста и разновидна богатство на современата европска литература во областа на фикцијата, да се промовира циркулацијата на литературата во Европа и да се поттикне поголем интерес за не-националните книжевни дела.

Наградата е финансирана од Програмата за култура на Европската унија, чија цел е да се постигне три главни цели: да се промовира прекуграничната мобилност на оние кои работат во културниот сектор; да се поттикне транснационалната циркулација на културни и уметнички продукти; како и да се поттикне меѓукултурниот дијалог.

Земјите кои во оваа, 2013 година, земаа учество во програмата се:

– Земјите членки на ЕУ (27)

– Земјите на европската економска област (Исланд, Лихтенштајн и Норвешка)

– како и Албанија, БИХ, Хрватска, Црна Гора, Србија, Турција и Македонија

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска