Кратки филмови со длабоки теми – избрани победниците на Галичник Филм Фестивал

Од:

Првото издание на Галичник Филм Фестивал, кое се одржа онлајн изминатиот викенд (28-30 август), понуди програма од 50 краткометражни филмови од цел свет. Овој нов културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања.

Филмовите беа бесплатни за гледање, а од фестивалот најавуваат дека, поради големиот интерес, ќе претстојат и ревијални емитувања на победниците. Жирито во состав Теона Стругар Митевска, Дина Дума и Наум Доксевски ги додели наградите за најдобрите филмски наслови.

Наградата за најдобар краткометражен игран филм е доделена на „Мутирано” во режија на Фам Тиен Ан, кој минатата година се закити со награда на Канскиот филмски фестивал за филмот „Остани буден, биди подготвен”.

„Супер одиграна и претставена приказна, во смисла на раскажувањето, како и начинот на кој е користена кинематографската форма, предизвкувана и истражувана. Ни се допадна “тишината” и минималистичката употреба на кино-јазикот, сè со цел засилување на доживувањето. Филмот се занимава со важни општествени теми: модерноста урната против традицијата и очекувањата од поединецот – нè потсетува дека светот и покрај сè продолжува да се движи”, изјави Теона Стругар Митевска.

Наградата за најдобар краткометражен анимиран филм ја доби „Санта мраз” во режија на Метју Барб, Демиен Девин, Виктор Хае.

„Ова беше единствената награда која жирито едногласно ја додели. Едноставно го гледаш анимираниот филм и ти ја топи душата. Филм кој е важен поради начинот на кој е направен, прекрасниот стил на анимација, кој е контрапункт на тешката темата која ја обработува и пред се` темата која ти создава голема тага и на еден суптилен начин те потсетува дека човекот не е над природата”, изјави Дина Дума.

Наградата за најдобар краткометражен документарен филм замина кај „Забрането плачење на масата за вечера” во режија на Карол Нујен.

„Потребно е многу храброст да се зборува за приказните кои се потиснати и оставени нераскажани, посебно кога тие го засегнуваат целото семејство. Храброст е потребна да ја снимаш сопствената фамилија, да ја соголиш нивната душа пред камерата и да продолжиш да снимаш без разлика колку тоа и да боли. Најчесто најблискиот ни станува најдалечен и токму затоа овој документарец е важен, да нѐ потсети дека треба да зборуваме со најблиските, колку и да боли тоа затоа што повеќе боли ако работите останат некажани”, изјави Дума.

Жирито додели Специјално признание на „Девојка убиец, вистинска приказна” во режија на Диана Галимзјанова, која најавува и долгометражно издание на истиот наслов.

„Уживавме во хуморот, интелигенцијата и размислувањето за актуелните тенденции во филмот: светот на интернет-очекувањата, културата на славните блогери, виртуелниот свет позициониран наспроти реалноста, обичните жена и маж, нивните потреби и завидливости. За поздрав е слободата на режисерката во мешањето на жанровите. Се поставува прашањето дали е игран или документарен филм. Ние велиме игран!“, изјави Теона Стругар Митевска.

Специјално признание беше доделено и на краткометражниот „Ќе завршам во затвор” во режија на Александар Дости.

„Одлично избраниот каст, решителноста во карактерот на Морин заедно со импресивната фотографија го прават овој филм супер возбудлив за гледање”, изјави Наум Доксевски.

Галичник Филм Фестивал е во организација на Дарма Филм, во соработка со месната заедница Галичник. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија.

Догодина, фестивалот се враќа на својата основна идеја за организација на проекции под отворено небо во прекрасниот Галичник.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето