Контрапункт организира јавно предавање на тема „Љубовта и уметникот“ на Александер Гарсија Дитман на 25 април во клубот ГЕМ, со почеток во 20 часот. -Целта на овој пакет на активности, разговори и критички размени е да отвори некои различни аспекти на читањето на перформативите на насилната реалност, насилието во јазикот, во политичкото, во уметничкото.
Затоа, во фокус на овој настан ќе може да се најдат одредени онтолошки позиционирања како политики на љубовта, на смртта, на симболичното, на реалното и на имагинарното, во Лакановска смисла. Дводневниот семинар се стреми да ги истражи дискурзивните позиции на уметниците, на секое мислечко битие во релација со надоаѓачкото естетичко и политичко, вели Искра Гешоска од Контрапункт.
Јавното предавање е дел од дводневниот семинар насловен „Уметност во спорни подрачја – љубовта и уметникот” којшто се одржува во Скопје од 24 до 26 април 2014, Скопје.
Семинарот ќе биде предводен и обмислен од Петар Милат (МаМа, Загреб) и Александeр Гарсија Дитман (УДК, Берлин), а учесниците се однапред пријавени. “Уметност во спорни подрачја – љубовта и уметникот” е дел од тековниот проект Проширено естетско образование: Уметничкиот експеримент и политичка кулутра во доба на мрежи, во соработка со: Мултимедијални институт (Загреб), kuda.org, (Нови Сад), Контрапункт, (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Mute (Лондон). Проектот Проширено естетско образование е финансиран со средства на Европската комисија, во рамки на програмата Култура 2007- 2013 и Канцеларијата за врски на Гете Институтот- Скопје. Овој настан се реализира во соработка со Агенција за сериозни интереси и ГEM.
A.Б.