Концерт во Савона за 25 години независна Македонија

Од:

Во Сикстинската Капела во Савона, во рамките на Меѓународниот фестивал за музика на Савона, утревечер во 21 часот ќе се одржи концерт посветен на 25-годишнината на независноста на Република Македонија.

Потоа ќе биде репризиран во Трст, во Палатата Гопчевич, во салата „Боби Базлен”, при Градскиот Музеј Карло Шмидл на 9-ти јуни. Концертите се поддржани од Министерството за Култура на Република Македонија, во рамките на Националната програма за меѓународна соработка за 2016, а Благој Нацоски, како мбасадор на Културата на Македонија во Италија е иницијатор, промотор и ко-организатор на овие настани.

Ќе настапат исклучиво италијански музичари и пејачи кои ќе пејат на македонски јазик, и тоа делото „Седум песни од светлина и прав” компонирано од италијанскиот композитор Анџело Инглезе, на поезија од Никола Маџиров.

На концертот ќе настапат Луиџи Скифано (контратенор), Рафаеле Фео (тенор), Елена Бакјарело (кларинет), Константин Чобану (виолина), Џакомо Бјаџи (виолончело) и Џанлука Аскери (пијано). Како организатори на настаните се “Ensemble Musiche Nuove” од Савона и “Amici della Lirica G. Viozzi” од Трст.

– Овојпат се одлучив да не бидам дел од изведувачите на овие концерти туку да се посветам комплетно на нивната промоција и реализација. Го избрав делото “Седум песни од светлина и прав” бидејќи е еден совршен спој на македонска поезија и италијанска современа композиција, односно врвноста на Никола во неговите стихови и генијалоста на Анџело кој успеа да внесе и примеси од македонскиот ритам во оваа композиција која трае 35 минути и ќе го завземе главниот дел на концертот. Втората причина е што при праизведбата преклани делото имаше прекрасен прием кај публиката и никако не смее да биде заборавено, напротив, се надевам дека наскоро ќе ја доживее и својата македонска премиера. Се радувам што моите италијански колеги ќе пејат на македонски јазик. Се обидувам истиот концерт наесен да биде репризиран и во други италијански градови. Инаку јас од оваа година сум и Амбасадор на UNEDUCH за Македонија така што и оваа организација е покровител на настаните, вели Нацоски.