Концерт на Јозеф Ван Висем во МКЦ

Од:

Холандскиот композитор и иноватор во свирење лаута Јозеф Ван Висем (Jozef Van Wissem) ќе одржи концерт вечер во кино-сала Фросина при МКЦ на кој ќе настапи и македонскиот композитор Александар Пејовски.

Според критиката, музиката на Ван Висем не е пренатрупана и е директна, со длабоко хипнотично и чувствено влијание и предадена е со естетски интензитет што се одразува преку неговите католички наслови.

– Долгите отмени мелодии создаваат трансцендентен идиличен свет. Тој е музичар што постојано е на турнеја, неговите страсни концерти го имаат одведено низ целиот свет, а има настапувано на престижни фестивали како All Tomorrow’s Parties и Primavera Sound, посочуваат организаторите.

Ван Висем го има изучувано инструментот лаута во Њујорк со Пет О’Брајан и држи предавања на тема „Ослободувањето на лаутата“. Бил ангажиран од Националната галерија во Лондон да компонира звучна подлога за делото „The Ambassadors“, а има свирено лаута и изведувано гласовни делови за видео-играта Sims Medieval. Во 2013 година ја доби наградата за најдобра филмска музика во Кан за филмот „Only Lovers Left Alive”.

Соработува со Џим Џармуш, Тилда Свинтон и Зола Џизус. Во моментов компонира музика за неколку филма. За него беше изработена целосно црна, единствена, барокна лаута, а според емисијата All Songs Considered, на радиото NPR, „неговите композиции се тешки и се сместени во хипнотична темнина.“

– Како авангарден композитор и истовремено барокен свирач на лаута, холандскиот музичар господинот Ван Висем е одлично запознаен со дихотомијата, вели Њујорк тајмс.

Пејовски, пак, на концертот ќе настапи со премиерна изведба на неговото најново дело специјално изработено за оваа пригода. Се работи за своевиден триптих на ултра современа тема, направено за две виолини, виола и лента. Насловот на делото е: Jas sum Sharli – Jas ne sum Sharli – Jas sum Charli, pesot od Vevchani.

Инаку, Александар Пејовски се смета за еден од водечките композитори на современа класика во Македонија.

– Квалитетот и квантитетот на неговиот креативен опус во последниве 10-тина години не само што го потврдува тоа, туку и го исфрла многу далеку пред неговите локални современици. Секогаш промислен и во здрав контакт со општествено-политичката реалност, а во исто време медитативен и трансцедентен, тој се одликува со истенчено чувство за во исто време комплексна и едноставна музичка убавина. Историјата на музиката (уметноста) ја користи како кист од кој ги црпи боите за своите фантастични дела, а омажите и цитатите на големите композитори му се омилено орудие во досликување, посочуваат организаторите.

Би можело да ве интересира

Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ во МКЦ

Предраг Петровиќ

Костадиновска Стојчевска: Да се одложат одредени проекти во МКЦ додека да се реши статусот на хонорарците

Синдикатот на МКЦ бара надлежните институции да најдат решение за хонорарно ангажираните лица

Горан Наумовски

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Бени Шаќири нов директор на МКЦ

VILLAGERS OF IOANNINA CITY за прв пат во Скопје