Во Сули Ан, во Стара скопска чаршија, вечерва, со почеток во 21 часот концерт ќе одржи Биг-бендот на МРТ. Настапот е дел од програмата на Скопско лето. Станува збор за оркестар формиран во 1961 година. Негов прв диригент е македонската музичка легенда Драган Ѓаконовски – Шпато.
Диригентската палка од него ја наследува Александар Џамбазов а по неговото заминување во пензија со оркестарот раководат Илија Пејовски и Кире Костов. До 2002 година, до кога дејствува во континуитет, оркестарот претставува вистински стожер на македонска забавна и џез музика.
Ги придружува, речиси, сите наши пејачи и ги реализира сите изданија на Скопскиот фестивал. Напоредно со таа дејност Биг-бендот на МРТ исполнува и снима оркестарска џез литература. Особено значајна е неговата улога во афирмирањето на творештвото на македонските џез композитори, за кои оркестарот, несомнено, претставуваше и најголем мотив за создавање.
Настапите на фестивалот на Биг-бенд оркестри во Раденци, Словенија, секогаш предизивикуваа почит и внимание кај публиката и кај музичарите од другите оркестри. Токму на овој фестивал Биг-бендот на МРТ го освои најголемото професионално признание кога, во конкутренција на сите оркестри во некогашна Југославија, во 1989 година беше прогласен за најдобар.
По неколкугодишниот прекин на работата, Биг-бендот на МРТ, во 2012 година беше обновен. Од 2013 година со оркестарот раководи Љупо Мирковски, поранешен трубач во оркестарот и плоден автор на инструментална забавна и џез музика.