Колегите од Драмски и соработниците се збогуваа од актерот Бранко Ѓорчев

Од:

Колегите од Драмскиот театар, соработници и студентите од Универзитетот ЕСРА денеска со долг аплауз се простија од актерот и директор на Драмски Бранко Ѓорчев, кој по долго боледување почина завчеравечер на 50 години.

На комеморацијата во неговиот матичен театар, кој го раководеше во изминатите шест години, тие се осврнаа на неговиот животен пат, љубовта кон театарот наследена од неговиот татко, актерот Ацо Ѓорчев, за 25-те години посветена работа на сцената.

Уметничкиот директор на Драмски Зоран Љутков истакна дека со еднаков успех настапувал во секоја улога, како и во ангажманот во нахсинхронизација на ликови во странски ТВ-серии и во цртани филмови.

– Ти беше актер со широк дијапазон, мајстор на сцената и не робуваше на клишеата, туку настојуваше да бидеш свој, полнокрвен, впечатлив, без оглед дали играше комични или драмски улоги. Остави печат со својот посебен  и по многу нешта специфичен актерски сензибилитет…беспрекорната дикција, грижата за убавиот сценски говор, кој те вивна во самиот врв на македонското глумиште, рече Љутков.

Режисерот и уметнички директор на МНТ Дејан Пројковски, кој постави четири драми во кои играше Ѓорчев, а меѓу нив и последната „Хамлет“, рече дека е тешко за еден режисер да се збогува од својот актер, „од својот Робеспјер, својот Јонадаб, својот Клавдиј“.

– Твојата последна одиграна претстава „Хамлет“ претставува и метафора дека ти беше нашиот крал, крал на сцената… Песната заврши но мелодијата се уште ни одѕвонува во ушите и во срцата. За мене и за цела генерација актери ти си нашиот театарски учител, човекот кој ни помогна сигурно и лесно да ги направиме нашите први професионални чекори. Ти си нашиот учител, соработник, соборец… Од заборав ќе го чуваат делата и илјадниците изговорени реплики и безбројните аплаузи што ги добиваше токму на оваа сцена, рече Пројковски.

Актерката Катерина Коцевска се присети на 1987 кога Ѓорчев станал дел од ансамблот на Драмски и кога заедно настапиле во претставата „Закопано дете“, како и во последаната „Хамлет“ во која, како што рече, таа била кралица, а тој нејзин крал. Прочита дел од негово интервју во 2000 година по повод наградата „Златна маска“ за улогата на Мефисто, во кое вели дека никогаш не сакал биде ничиј миленик, освен на публиката.

Актерката Јелена Жугиќ рече дека бил стабилен, умерен и со чувство за мерка, со јасна перцепција за нештата и посветеност во се што правел. – Искрено се грижеше за нас, неговото театарско семејство, не поддржуваше, не прекоруваше кога грешевме, се радуваше за нашите успеси и секогаш беше тука за нас… Бранко беше мојот сопруг на сцената, мојот театарски партнер, искрен пријател, мојот ментор во директорувањето на театарот „Комедија“, рече низ солзи Жугиќ.

На сцената со последни пораки излегоа и актерите Роберт Велјановски, Рубенс Муратовски, режисерот од Бугарија Владлен Александров и членови на семејството Ѓорчеви.

Беа прочитани телеграми со сочувство до најблиските испратени од претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која присуствуваше на комеморацијата, од актери, драмски автори, режисери, од колективите на Македонскиот народен театар, Велешкиот и Турскиот театар, Театарот за деца и младинци, од белградскиот театар Ателје 212, Факултетот за драмски уметности, Универзална сала, фестивалот „Охридско лето“ и од Советот за радиодифузија. Комеморацијата почна со читање на македонската порака за Светскиот ден на театарот која за 2008 година ја напиша Ѓорчев.

Роден е на 24 јуни  1962 година во Неготино. Во 1986 година дипломирал на Факултет за драмски уметности,  во класата на проф. Вукан Диневски. Беше професор по сценски говор на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Добитник е на голем број награди и признанија, од кои последната ја прими во декември – државната „Св. Климент Охридски“ за 2012, за долгогодишни остварувања во културата. 

ФОТО:МИА

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска